Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Левица со амандмани бара посилна заштита на природата, националните паркови и одржливо управување со отпадот

Соопштение на Левица:

Во рамки на амандманската расправа за Буџетот, пратениците на Левица поднесоа повеќе амандмани насочени кон заштита на животната средина, природните богатства и унапредување на институциите задолжени за нивно зачувување. Наместо декларативна грижа за природата, Левица предложи конкретни проекти кои ќе придонесат за долгорочна заштита на шумите, планините и јавниот интерес.

Еден од амандманите предвидува средства за изградба на Центар за селекција и рециклирање на отпад кај депонијата Дрисла. Со тоа би се намалиле количините отпад што завршуваат на депонија, би се намалил ризикот од пожари и загадување, а би се воспоставил современ пристап кон управувањето со отпадот наместо негово натрупување и закопување.

Левица предложи и обезбедување средства за подобра заштита на двата заштитени предели во Источна Македонија – Осоговските Планини и Малешево. Амандманите предвидуваат засилување на борбата против нелегалната сеча, криволовот и деградацијата на шумите, преку ангажирање на повеќе шумски ренџери и подобрување на институционалната заштита. Истовремено, Левица потенцира дека заштитата на природата мора да оди рака под рака со државна програма која ќе обезбеди алтернативни извори на егзистенција за локалното население кое со генерации живее од шумарството, наместо товарот целосно да се префрла врз граѓаните.
Со два посебни амандмани, Левица бара обезбедување средства за изработка на студии за валоризација на планините Огражден и Кожув – неопходен предуслов за започнување постапка за нивно прогласување за национални паркови. Прогласувањето на овие подрачја под највисок степен на заштита би обезбедило трајна институционална заштита од заканите што со години доаѓаат од рударското лоби, проектите за цијанидни рудници и малите хидроцентрали, спротивно на јасно изразената волја на локалното население кое со години се спротивставува на ваквите проекти.

Дополнително, Левица предложи зголемување на средствата за постојните национални паркови, кои со години функционираат со недоволни ресурси и кадровски капацитети. Потребни се повеќе ренџери, подобра инфраструктура, поефикасна заштита од пожари и дивосеча, како и развој на планинскиот туризам. Денес голем дел од работата што треба да ја извршуваат институциите ја преземаат волонтери, локалното население и невладини организации, додека државата останува пасивен набљудувач.

Левица оценува дека Владата повторно покажува дека заштитата на животната средина не е меѓу нејзините приоритети. Наместо да инвестира во националните паркови, заштитените подрачја, шумите, рециклирањето и институциите задолжени за нивна заштита, власта продолжува да остава простор природните богатства да бидат изложени на интересите на рударското лоби, дивата експлоатација и долгогодишата негрижа. Левица ќе продолжи да предлага законски решенија и буџетски мерки кои ќе обезбедат трајна заштита на природните ресурси и ќе го стават јавниот интерес пред профитот на поединечни економски центри на моќ.