Независноста на централната банка е главниот предуслов за стабилноста на цените и финансискиот систем и за ефективно спроведување на монетарната политика. Таа е важен фактор за заштита од надворешни влијанија и за одржување стабилна макроекономска рамка, особено во период на светски економски предизвици и европска интеграција.
Во овој контекст, во Скопје, на 7 и 8 јули 2026 година, се одржува мисијата на ТАИЕКС (TAIEX – Technical Assistance and Information Exchange), на иницијатива на Европската комисија, посветена на оценување и зајакнување на независноста на Народната банка на Република Северна Македонија. ТАИЕКС претставува инструмент на Европската комисија преку кој се обезбедува експертска поддршка и размена на искуства преку ангажирање експерти од јавниот сектор на сите 27 земји членки на ЕУ, заради унапредување на усогласеноста со европското законодавство и најдобрите практики во земјите кандидатки за членство во ЕУ.
Мисијата ја сочинуваат Кес Улерсма, раководител на Одделот за меѓународна соработка во Централната банка на Холандија, Вилем Бовенсхен, висок правен советник во Централната банка на Холандија и Ханс Венинк, виш советник за централно банкарство.
Во рамките на мисијата, гувернерот д-р Трајко Славески и вицегувернерите Ана Митреска, Игор Величковски и Фадил Бајрами остварија средба со експертската делегација, на која беа разгледани прашања поврзани со институционалната и финансиската независност на Народната банка, односот со Владата и Собранието, законската рамка којашто ја гарантира независноста, како и јавната перцепција за нејзината улога и ефективност. Посебен акцент беше ставен и на усогласеноста на националната регулатива со правото на Европската Унија, како и на натамошното јакнење на институционалните гаранции во контекст на евроинтеграциите.
Народната банка ја нагласи својата постојана заложба за унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето, заради дополнително зајакнување на довербата кај јавноста и кај сите засегнати страни.
фото НБРМ


