Во сабота започнува граѓанска иницијатива за заштита на Охридскиот мировен договор, велат од ДУИ и од таму наведуваат дека Тетово ќе биде местото каде што илјадници граѓани ќе се соберат на мирен и достоинствен протест за да го одбранат уставниот поредок, правната сигурност и вредностите што веќе 25 години обезбедуваат мир, стабилност и добри меѓуетнички односи во Република Северна Македонија.
– Одлуката на Уставниот суд за имињата на улиците во Тетово беше повод за овој протест, но незадоволството на граѓаните е многу пошироко. Подолго време постои чувство дека постепено се намалуваат правата и механизмите што произлегуваат од Охридскиот мировен договор. Секоја нова одлука ја зголемува загриженоста, а сите заедно покажуваат дека е потребна граѓанска реакција. Да се потсетиме на фактите. Советот на Општина Тетово ја донесе одлуката за именување на улиците според законот и со потребното двојно мнозинство. Одлуката беше испратена до Владата. Владата не одговори во законскиот рок. Според Законот за локална самоуправа, ако Владата не постапи навреме, тоа се смета како согласност со одлуката на општината. За да нема никакви дилеми, Советот уште еднаш ја изгласа истата одлука. И тогаш Владата не реагираше. Со тоа, повторно настапи истото правно дејство предвидено со закон. Оваа одлука беше дел од правниот поредок на државата цели 20 години. Потоа, Уставниот суд одлучи повторно да го отвори случајот. Во текот на постапката, Судот побара дополнителни информации и документи од Општина Тетово. Општината не одговори и не ја бранеше својата одлука. Таквиот однос има сериозни последици и некој треба да понесе одговорност, соопшти ДУИ.
Според ДУИ олуката на Уставниот суд создава важен преседан. За првпат се преиспитува одлука што важела и произведувала правни последици две децении. Тоа отвора прашања за правната сигурност и за тоа како во иднина ќе се третираат и други прашања поврзани со Охридскиот мировен договор, додаваат од партијата на Ахмети.
– Во наредниот период Уставниот суд ќе одлучува и за Законот за употреба на јазиците. Граѓаните имаат право да бараат овие одлуки да се носат во согласност со Уставот, со Охридскиот мировен договор и со принципот на правна сигурност.
Саботниот протест е повик до институциите да постапуваат одговорно, да го почитуваат Уставот и да го зачуваат Охридскиот рамковен договор како основа за соживот и за европската иднина на државата. Ги повикуваме сите граѓани кои ги поддржуваат овие вредности да ни се придружат мирно, достоинствено и одговорно. Секоја држава има моменти кога граѓаните застануваат во одбрана на своите вредности. Веруваме дека оваа сабота ќе биде еден таков момент, соопштија од ДУИ.


