По завршувањето на координацијата со координаторите на пратеничките групи, претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа неформален брифинг со претставниците на медиумите, на кој ги информираше за планираните активности на Собранието во текот на месец јули.
Во своето обраќање, претседателот Гаши информираше дека амандманската расправа по Предлогот за ребаланс на Буџетот ќе започне на 8 јули. Поднесени се вкупно 224 амандмани. Посочи дека на 13 јули ќе започне пленарната седница за реконструкција на Владата и истата е предвидено да трае два дена.
Воедно, најави дека во средината на месецот ќе се одржи седница посветена на опозициски пратенички прашања, додека кон крајот на јули се очекува Предлогот за ребаланс на Буџетот да биде ставен на дневен ред на пленарна седница. За 30 јули е закажана и седницата за пратенички прашања.
По воведното излагање, претседателот Гаши одговараше на новинарски прашања, кои главно се однесуваа на реконструкцијата на Владата и на Изборниот законик.
На крајот од брифингот, претседателот Гаши им се заблагодари на претставниците на медиумите за нивното присуство и интересот за работата на Собранието.


