Соопштение на Град Скопје:
По години чекање и застој, мостот „Генерал Михајло Апостолски“ конечно влегува во завршна фаза пред неговото целосно ставање во функција. Проектот, кој долго време беше симбол на недовршени инфраструктурни зафати, наскоро ќе стане важна сообраќајна врска што ќе придонесе за побрз и поефикасен сообраќај во главниот град.
Со решавањето на еден од најголемите предизвици – процесот на експропријација – се создадоа услови за продолжување на активностите на терен. По истекот на рокот за преселување на семејствата кои живееја на трасата, започна расчистувањето на булеварот „АСНОМ“ од страната на мостот, што претставува клучен чекор кон неговото конечно ставање во употреба. Паралелно продолжува и експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот до неговото целосно завршување.
Овој проект е резултат на посветена, одговорна и континуирана работа, како и исполнување на преземената обврска мостот да биде ставен во функција во рамките на актуелниот мандат.
Воедно, се изразува искрена благодарност до семејствата кои со разбирање и соработка придонесоа за надминување на долгогодишниот проблем, како и до сите институции и соработници кои активно учествуваа во реализацијата на процесот.
Покрај овој проект, во изминатиот период беа откочени и други значајни инфраструктурни зафати, меѓу кои „Момин Поток“, булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и подземната сообраќајница на булеварот „Македонија“. Со нивната реализација, Скопје продолжува да го подобрува сообраќајниот систем и условите за живот на своите граѓани.
Градот останува посветен на реализација на капиталните инфраструктурни проекти, со јасна цел – модерно, функционално и поврзано Скопје кое одговара на потребите на граѓаните.


