Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски за спорот со Бугарија: Додека јас сум премиер ќе ги штитам македонските национални интереси и интересите на сите наши граѓани

„Изминативе повеќе од 20 години откако се стекнавме со статусот кандидат, ние направивме толку многу, како ниту една земја којашто станала членка на Европската Унија или којашто пледира да биде дел од ЕУ, во делот на идентитетот, а во делот на суштинските реформи не сакам да дискутирам бидејќи мислам дека сме многу понапред и од одредени членки на самата Европска Унија, но кога станува збор за идентитетските реформи направивме толку многу што за нас, не за мене лично или како Влада туку генерално како граѓани на државата, би претставувало дополнителна фрустрација и понижување. Доколку не добиеме јасен план дека ова е последно и дека од тој момент па натаму ќе важи принципот на испорака merit-based и нема повеќе да има идентитетски и билатерални барања и нема да има дополнителни препреки на тој пат, односно ќе се водиме само по Копенхагеншките критериуми, ние сме подготвени да работиме колку што е потребно за да не придонесеме со дополни фрустрација кај македонските граѓани“, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешното интервју на телевизија Телма, а поврзано со евроинтеграциите на државата.

Мицкоски напомена дека е програмата која ја застапувал на изборите има добиено мнозинска поддршка и истата ја реализира сè додека ја има поддршката од мнозинството граѓани.

„Сè додека ја извршувам оваа позиција како претседател на Влада на сите граѓани, ќе се трудам да ги штитам бескомпромисно македонските национални интереси, бидејќи ценам дека сите граѓани од сите етнички заедници и сите политички определени и неопределени во државата, доволно направија во име на евроинтегративните процеси, во име на идентитетските отстапки и заслужуваат многу повеќе, дури и од некои земји членски да бидат дел од масата во Брисел. Исто заслужуваат подобар и пофер третман, дури и од некои земјите членки коишто се на масата во Брисел. И тоа е она коешто јас како заклетва сум го кажал пред граѓаните, дека ќе го штитам и бранам Уставот. Јас го штитам и бранам Уставот и со ништо нема да придонесам за тој Устав повторно биде понижен и омаловажен, а без притоа да обезбедам јасна, сигурна и предвидлива иднина на граѓаните“, потенцираше Мицкоски.

Тој истакна дека во моментов Македонија бележи подобри резултати од некои земји членки на Унијата и лично верува дека државата има капацитет, кадар и ресурси за уште поголеми успеси.

„Ако ги споредиме бројките ќе видиме дека во овој момент економските перформанси во последните две години се многу подобри на Македонија, отколку на некои земји членки на ЕУ“, посочи Мицкоски и дополни: „Јас не би бил толку безнадежен. Јас верувам во македонскиот потенцијал и еве ќе споделам со вас еден податок за кој вчера бев брифиран од МВР, за прв пат после долго време во 2026 година до сега имаме повеќе барања за поврат на македонското државјанство, отколку барања за отпис од македонското државјанство. Некаде околу 672 барања се за поврат во македонско државјанство, а некаде околу 318 се за отпис. Ова е прва година после не знам колку време кога тоа да се случува. Дали тоа е случајно јас не би можел тоа да го кажам, но јас верувам во македонскиот народ, верувам во македонските граѓани, верувам во потенцијалот. Јас сум професор на универзитет, знам каков потенцијал сум образувал, знам со каков потенцијал располагаме и тоа коешто исто така го знам е дека можеме многу повеќе и покрај тоа што има и такви сили коишто не сакаат оваа држава да успее и шират дефетизам.“