Centar.mk
фото ВЛада / од прес конференција оддржана на 3. јуни 2026
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски за Изборниот законик: Левица и СДСМ беа согласни со Изборниот законик, потоа се пишманија, тоа е непринципиелно однесување, еве и новите забелешки ќе им ги прифатиме

Христијан Мицкоски, претседател на Владата во интервју во емисијата „Директно“ на ТВ Телма истакна дека СДСМ и Левица непринципиелно се однесуваат во процесот за носење на новиот Изборен законик, бидејќи првично се согласиле и бил постигнат консензус за во последен момент да се пишманат и да калкулираат.

„Не дека ние како Влада не успеваме да создадеме, напротив, направивме се што можеме како Влада за да создадеме консензус и тој консензус во текот на викендот беше постигнат. Тука немаме никаква дилема. Но, она коешто е поважно, сите препораки од ОБСЕ/ОДИХР беа вклучени во рамките на реформата која што ја правевме во рамките со Изборниот законик. Она коешто ја прели чашата беше обидот на политичката партија Левица да калкулира по милионити пат на македонската политичка сцена, а потоа како по правило СДСМ го следеше нивниот пример и се обидоа преку филибастеринг, односно преку опструкција на носењето на Изборниот законик да истиот го блокираат. Се беше договорено, се беше потврдено, практично сите нивни барања беа вклучени во рамките на самиот изборен законик, а посебно кога станува збор за политичката партија Левица. Дента кога требаше да се потпише предлогот и да се достави до пратениците, ставот на таа политичка партија беше дека тие нема да се потпишат, дека нема да го бојкотираат, нека си го донесат другите политички партии, но тие нема да се потпишат. И тогаш се јави нормално дилемата, чекајте неколку месеци преговараме, записници, има автентични документи од овие преговори, ваши предлози коишто се прифатени, други предлози коишто се прифатени, внесени во текстот, завршени“, истакна Мицкоски.

На прашање за тоа што од нивните предлози било прифатено Мицкоски одговори:

„Сето тоа за коешто тие на јавна сцена не ја говорат вистината околу финансирањето на кампањата за време на изборите беше прифатено како што бараа. Се како што бараа беше прифатено. Ништо не беше спротивно од тоа. На крај не може да се однесуваме дека не сме од овде и пред јавноста да глумиме дека ова си го договориле другите партии. Ние сме посебни, нема да го бојкотираме ама ќе седиме на страна. Тоа е политички некоректно, не е морално, не е етички на крајот од денот не е цивилизирано“, нагласи Мицкоски и додаде:

„Второ уште на лидерската средба кога седевме претставниците на Левица го потврдија тоа дека ќе учествуваат во изготвувањето на новите измени на изборен законик, дека измените и новата верзија на Изборниот законик треба да се донесат до крајот на јуни месец и дека ние сите ќе се сложиме и дека ќе се обврземе дека тоа ќе го направиме, што беше нивно барање, ние го прифативме, рековме во ред ќе работиме, ќе донесеме изборен законик којшто ќе ги вклучи пред сè препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но и да видиме ако имаат одредени специфични барања политичките партии во Парламентот, но и оние надвор од Парламентот да видиме како можеме сето тоа да го инкорпорираме.“

Што се однесува на барањата на СДСМ Мицкоски истакна дека доколку поднесат амандмани и тие ќе бидат прифатени и додаде дека единствено барање на ВМРО-ДПМНЕ е дијаспората во, како што рече, ера на вештачка интелигенција, да може да гледа на наредните претседателски избори електронски, бидејќи истите се поврзани со цензус, но исто така и да се намалат огромните трошоци за праќање претставници по ДКП-ата насекаде низ светот.

„СДСМ три работи вели. Прва работа е начинот на гласање. Да не се заокружувала бројката да се заокружувало името. Во ред. Нека поднесат амандман, одма ќе им го прифатиме, ако тоа е проблемот. Прво тоа не е наше барање, така што ние не подготвуваме изборен грабеж, има таму записници од состаноците, можат да прочитаат од записниците чиво барање е. Во делот на жалбата постизборна од страна на набљудувачите и овластените претставници, еве нека поднесат амандман, утре ќе им го прифатиме. И тоа не е наше барање, има и за тоа записници, слободно нека ги отворат записниците да видат чиво е тоа барање. Наше единствено барање е да може да се овозможи од следните претседателски избори по електронски пат да гласа дијаспората. Не од следните парламентарни, од следните претседателски избори, затоа што изборот на претседател е поврзан со цензус прво, а второ многу не чини кога праќаме од Македонија во ДКП-ата низ светот претставници коишто треба да бидат некаква изборна комисија и нашата цел беше да ги намалиме тие трошоци, да ѝ овозможиме на дијаспората електронски да гласа во ера на вештачка интелигенција, во ера кога впрочем имаме десетици такви примери во демократските земји ширум светот. Цениме дека дијаспората којашто контрибуира со дознаки во државата, од тогаш да важи и да се имплементира понатаму“, изјави Мицкоски.

Мицкоски уште еднаш повтори дека очекува и останатите чинители да останат принципиелни и да го поддржат тоа што јавно го потврдиле, а за другите две барања изрази подготвеност дека ќе бидат поддржани.

„Е сега тоа они го проблематизираат. За нас тоа е црвена линија бидејќи тоа го прифатија. Лично беше потврдено од нивни претставници за време на седницата за собраниски прашања пред мене, нема да именувам од кој како и очекувам дека ќе останат принципиелни и ќе го поддржат Изборниот законик, а за другите барања коишто две ги имаат јас утре, денеска, задутре, кога ќе кажат, еве како политичар кажувам ќе ги поддржиме. Во ред, ако тие мислат дека така треба во ред ќе ги поддржиме“, заклучи Мицкоски.