– Претходните говорници кажаа речиси сè што е поврзано со испораката на учебници. Јас би додал само дека можеби сето ова треба да претставува нормална работа, иако пред 10-тина, 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска се радуваме ако учебниците ги доставиме на време, за да можат децата да ги користат, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски кој беше на промоција на печатени учебници во ООУ „Љубен Лапе“ во Општина Аеродром.
– За жал имавме една катаклизма, којашто 7 години беше влада во Македонија и последиците се разорни. Работиме приоритет по приоритет за да ги вратиме работите во нормала.
Јас сум свесен дека има граѓани коишто трпението им е при крај, но важно е да ние нашите цели и приоритети ги реализираме и да оставиме впечаток дека даваме максимум за да работите се доведат онаму каде што им е местото. Еден од тие процеси е и ова системско решавање за снабдување на нашите најмили, на децата, со учебници.
Повторно ќе кажам, жалам што во време на вештачка интелигенција, современи напредни технологии, ние се радуваме дека на време ги доставуваме учебниците.
Но, тоа е што е. Таа катаклизма е сега политичка катаклизма која што ја донесоа СДСМ и ДУИ е минато, и она што ние како Влада имаме обврска да го направиме е да никогаш повеќе не се повтори.
Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на министерката за образование, на луѓето од нејзиниот тим во Министерството во образование, на градоначалникот, на пратениците од Општина Аеродром, на директорката во ова училиште и во суштина на директорите и вработените во образованието низ цела Македонија, за трпението коешто го имаат и за знаењето коешто го пренесуваат на нашите најмили, а тоа се дечињата.
Сепак тоа е, би рекол, нобелова работа и јас уште еднаш им честитам за сето она коешто го прават и за децата и за Македонија како држава, рече Мицкоски.
фото Влада


