Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Јавна расправа по Предлогот на закон за игрите на среќа и за забавните игри

Комисијата за финансирање и буџет, во рамките на 68. седница, на 19 јуни 2026 година (петок), во 10:30 часот, во Сала „Борис Трајковски“, ќе одржи Јавна расправа по Предлогот на закон за игрите на среќа и за забавните игри.

Целите на донесувањето и примената на овој закон, кои се изразени преку потребата од спречување на сивата економија во областа на игрите на среќа, се стекнување на сигурност и доверба кај учесниците во игрите на среќа и нивна заштита (пред сè на младата популација), заштита на приредувачите особено од нелојалната конкуренција, легализација и контрола на паричните текови во оваа област и остварувањето на интересот на државата.

Законот чие донесување се предлага, се засновува врз следните начела:

• начело на ексклузивитет во приредувањето на игрите на среќа и начело на лиценцирање на правото на приредување на игрите на среќа и забавните игри;
• начело на економичност и ефикасност на управната постапка на издавање, одземање, прекин и откажување на лиценците и дозволите пропишани со овој закон, како и во другите случаи на управно постапување од овој закон и
• начело на правна сигурност и заштита на приредувачите и учесниците во игрите на среќа и забавните игри.

Со Предлогот на закон се врши прецизно дефинирање на игрите на среќа и забавните игри, класификација на игрите на среќа, пропишување на специфичностите на управната постапка за издавање и одземање на правото на приредување на игрите на среќа и забавните игри, контролата врз приредувањето, прекршочните одредби, како и одредување на намената на приходите остварени од приредувањето на игрите на среќа и забавните игри.