Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека економската политика на власта и нејзиниот пристап кон европската интеграција ја турка државата кон изолација, што директно води кон пад на животниот стандард и зголемена сиромаштија кај граѓаните.
Филипче, на денешната прес-конференција, посочи дека економската состојба е сериозно влошена и дека граѓаните веќе ги чувствуваат последиците, додека инфлацијата и растот на трошоците за живот ја прават секојдневната егзистенција сè потешка.
„Падна животниот стандард, сиромаштијата е во пораст, луѓето, посебно младите, се повеќе се иселуваат. Во семејството со минимална плата не може да се преживее месецот. Платите каснат. Има државни јавни институции во коишто платите се исплаќаат околу 20.000 во месецот. Долгот, порасна, нови 2,5 милијарди евра, пари коишто никој не знае каде одат. Од 8,5 милијарди евра на скоро 11 милијарди евра е вкупниот долг на државата. Странски инвестиции скоро и да нема. За 60% се намалени.
Фабриките затвораат и ги отпуштаат работниците. Имаме празен буџет, немаме развојни програми.“, обвини Филипче.
Филипче се осврна и на состојбата на младите и нивната иднина во државата, потенцирајќи дека се целосно запоставени без перспектива и иднина.
„Младите се целосно запоставени. Никој не води грижа за нив. Нема програми за вработување, нема поддршка за нивното станбено прашање да се реши. Едноставно нема визија за тоа како младите да се задржат во земјата и затоа масовно ја напуштаат земјата. Оваа власт им ја одзеде надежта на младите генерации дека во земјава ќе може добро и квалитетно да се живее“, рече Филипче.
Во делот за земјоделството, Филипче истакна дека државата не обезбедува соодветна поддршка за земјоделците, потенцирајќи дека нема исплата на субвенција, додека вкупната сума за субвенција е намалена.
„Доведени сме во ситуација да се увезуваат евтини репроматеријали од други земји, а нашето домашно земјоделско производство да скапува по дворовите. Апелирам граѓаните да не подлегнат повторно на лагите на Мицкоски, затоа што единствено нешто кон што оваа лажна реторика води е изолација и сиромаштија. Ако останеме изолирани сега, ќе ни останат само хоризонт-програмите и прекугранична соработка, ние со тоа не може да преживееме.“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.


