Министерството за образование и наука ќе финансира 14 заеднички научно – истражувачки проекти на Македонија и Австрија, кои ќе се реализираат во области каде согласно Стратегијата за паметна специјализација на државата, има голем развоен потенцијал: паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електро-машинска индустрија – индустрија 4.0, одржливи материјали и паметни згради, енергија на иднината и туризам.
По 600 илјади денари ќе бидат одвоени од државниот буџет за секој проект одделно, а рокот за имплементација е две години, почнувајќи од 1 јули 2026. Договорите за финансирање денес беа потпишани од страна на министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и носителите на проектите.
Како што на прес конференција информираше Јаневска, вкупно беа поднесени 18 апликации на конкурсот за избор на проекти, но 14 ги исполнија условите за финансирање.
„Конкурсот беше објавен во септември минатата година врз основа на Спогодбата помеѓу владите на Македонија и Австрија за научна и технолошка соработка од 2008 година. Пристигнатите проекти беа изработени преку партнерства на државни и приватни универзитети, јавни и приватни научни институти и факултети од двете земји. По спроведените рецензии и од македонска и од австриска страна, беше утврдено дека 14 ги исполнуваат условите и критериумите за да бидат финансирани“, рече Јаневска.
Министерката сподели и дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е носител на 9 од прифатените проекти, на 3 е Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и по еден имаат Меѓународниот балкански универзитет – Скопје и приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени – Скопје.
Согласно Класификацијата на научно-истражувачките подрачја и полиња според Меѓународната Фраскатиева класификација и Уредбата за утврдување на Научно – истражувачките полиња од трето ниво, вкупно 6 избрани проекти се од инженерство и технологија, 5 проекти се од природно – математички науки, два од земјоделски и ветеринарни науки и еден проект е од општествените науки.
„Ова не прв пат да се финансираат ваков тип на проекти, но прв пат во конкурсот даваме предност на проекти од техничките науки, односно на области кои, како што реков се дефинирани како приоритетни за делување со Стратегијата за паметна специјализација на државата, а тоа значи дека таму е препознаен развоен потенцијал“, нагласи Јаневска.
Честитајќи им на носителите на проектите за добиените финансиски средства, министерката им посака успешна имплементација и изрази уверување дека актуелната Влада ќе продолжи да оди по патот на науката, сметајќи ја за еден од основните столбови на севкупниот општествено – економски напредок. Како што речe, Буџетот за наука ќе расте, а со тоа и поддршката за вакви проекти.
фото: Министерство за образование и наука
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


