На 6 јуни 2026 година, љубителите на македонското музичко творештво и кадифениот звук на винилот ќе имаат можност да присуствуваат на Интернационален саем на музика, винил и аудио опрема. Овој уникатен настан посветен на музиката, музичкото издаваштво и винил културата ќе се одржи во Diamond Mall и ќе обедини 27 издавачки куќи од Македонија и странство, како и македонски музички уметници, кои ќе ги промовираат своите албуми. Посетителите ќе имаат можност да проследат богата целодневна програма, која вклучува и изложби, панел дискусии, промоции и диџеј настапи.
Особен акцент годинава ќе биде ставен на македонската современа музичка сцена преку промоција и преслушување на 26 актуелни албуми од македонски музичари, објавени помеѓу двете изданија на Саемот на музика, винил и аудио опрема. Ќе бидат претставени албуми од различни жанрови и генерации музичари, меѓу кои Дина Јашари, Влатко Стефановски, Суперхикс, Тони Зен, Драган Даутовски, Меморија, Јордан Костов и други.
Дополнително, на настанот ќе се одржи ексклузивно и премиерно преслушување на тест принтови од првото винил издание на албумот „Игри без граници“ на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески, во издание на „ Sony DADC“.
„На развојот и негувањето на културата мораме континуирано да работиме. Овој настан го организираме по втор пат, овозможувајќи промоција на македонската современа музика, давајќи им можност на уметниците да го презентираат својот израз, а на помладите генерации да се запознаат со националното музичко творештво. Ваквите настани се важни бидејќи креираат урбани содржини, но што е најважно создаваат култура базирана на вистински вредности. Се надевам дека со годинешната програма ќе побудиме голем интерес“, истакна Селин Октај, директорка на Diamond Mall.
Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема, Diamond Mall го организира во партнерство со дискографската куќа „Корпус деликти рекордс“.
„Драго ми е што годинава успеавме да го прошириме форматот на настанот и да вклучиме многу други содржини. Особено е значајно што годинешниот настан отвора простор за современите македонски музичари да ги промовираат своите најнови албуми, но исто така, публиката да се запознае и со историјата на македонската рок сцена преку изложбата на фотографии и оригинални текстови, како и да отвориме значајни теми од интерес за македонската музика организирајќи панел дискусии. Така што, овој настан од саем прерасна во голем културно-музички настан и драго ни е што Diamond Mall ја препозна неговата вредност и овозможи да се случи“, изјави Тошо Филиповски, музички новинар и хроничар.
Во рамки на Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема ќе се одржи панел дискусија посветена на македонското музичко издаваштво, со учество на домашни издавачи и музички професионалци, чија цел е да отвори важни прашања поврзани со развојот на музичката индустрија, независното издаваштво и современата македонска музичка продукција. Во Гурманската авенија на Diamond Mall, во текот на целиот ден ќе настапуваат диџеи од Македонија, Грција, Бугарија и Србија, а посетителите ќе можат да ја проследат и изложбата на канвас фотографии и оригинални текстови од историјата на македонската рок сцена, како и специјализираниот Саем на аудио опрема, каде ќе се претстават компании и брендови од Македонија и од странство.
Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема претставува единствен настан од ваков вид во земјава и уште една потврда за заложбата на Diamond Mall да поддржува иницијативи кои придонесуваат за подигнување на свесноста за важни теми од јавен интерес, овозможувајќи поголема видливост на поединци и организации, кои посветено работат на иницијативи од областа на културата, но и од други сегменти.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


