На денешната прес конференција претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, го разоличи лицемерието на власта, додека функционерите на ВМРО и нивните семејства си обезбедиле европска иднина, на граѓаните и нивните деца им нудат изолација, чекање со децении и откажување од европската перспектива.
„Додека пола Влада, пратеници, функционери на ВМРО имаат бугарски односно европски пасоши во џебовите, сите други во државата и нивните деца сега треба да чекаат со децении според нив и замислете да јадат корења. Значи сите да јадат корења, а Владата, претставниците на власта со владиниот авион да одат на море“, рече Филипче.
Тој нагласи дека таквото однесување нема никаква врска со патриотизам туку со лицемерие.
„Дали е тоа патриотизам? Не, почитувани граѓани, тоа е само едно големо лицемерие“, истакна Филипче.
Филипче посочи дека посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, уште еднаш ја потврди вистината дека уставните измени се единствениот услов за продолжување на европскиот пат на државата.
„Вистината излезе на виделина, нема дополнителни гаранции, нема дополнителни услови, постојат само уставни измени, сѐ друго е само измислица и само една кампања. Христијан Мицкоски и ВМРО дојдоа на власт со лаги“, рече Филипче.
Тој додаде дека сите ветувања за промена на преговарачката рамка, дополнителни гаранции и уставни измени со одложено дејство се покажале како невистинити.
„И сега е јасно, така како што укажувавме целиот изминат период – такви гаранции е невозможно да се добијат. Одложено дејство на уставните измени едноставно нема. И тоа беше лага со која што и Христијан и неговата банда ја манипулираа јавноста“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека вистинската причина поради која ВМРО ја блокира европската иднина на државата не е заштита на идентитетот, туку страв од европско обвинителство и одговорност.
„Мицкоски и неговата организирана криминална група не сакаат во Европа затоа што таа носи европско судство, носи европско обвинителство, носи европска контрола, носи крај на телефонските повици на обвинителите и сето тоа носи одговорност“, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


