Centar.mk
фото Сектор за односи со јавноста и информација на граѓаните на ОПШТИНА КАРПОШ
ЛОКАЛНО

Започна реконструкција на улицата Загребска

Во насока на зголемување на безбедноста на граѓаните и сообраќајот, Општина Карпош денеска започна со реконструкција на улицата Загребска, која води кон Институтот за белодробни заболувања кај децата – „Козле“. Градежната интервенција ќе се одвива во две етапи а денеска започнува првата фаза, односно изградба на потпорниот ѕид на улицата, кој е составен од осум кампади со должина од шест метри, или вкупна должина од 48 метри. Во втората фаза следува реконструкција на коловозната лента во должина од 212 метри завршувајќи до влезот од детската клиника „Козле“, каде ќе се менува старата подлога од коцка со нов асфалт, а ќе се поставуваат и нови рабници долж коловозот. Изведувач на овој инфраструктурен зафат е фирмата Битем ДООЕЛ Скопје, а вредноста на инвестицијата изнесува близу 6.500.000 денари.

По тој повод денеска, на увид на градежните работи присуствуваа заменик – градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

-Денеска, стартуваме со реконструкција на улицата Загребска која е од голема важност не само за жителите кои гравитираат во овој дел, туку и за сите останати граѓани, бидејќи станува збор за фреквентна улица која води до Институтот за белодробни болести кај децата – „Козле“. Проектот ќе се одвива во две фази, а рокот на неговата изведба ќе биде околу месец и половина. Средствата целосно се обезбедени од Владата на Република Македонија преку јавен повик, на кој Општина Карпош учествуваше со свој проект. Во оваа пригода би сакал да изразам голема благодарност и воедно да ја поздравам успешната соработка помеѓу централната и локалната власт – истакна Крстевски.

Тој напомена дека Општината и понатаму останува посветена кон реализација на инфраструктурни проекти, кои се од особен интерес за граѓаните и унапредување на квалитетот на урбаниот живот.

фото Сектор за односи со јавноста и информација на граѓаните на ОПШТИНА КАРПОШ

Можеби ќе ве интересира

ГРАДСКИ ПАРКИНГ СКОПЈЕ СО ИЗВЕСТУВАЊЕ: Од денес почнува летното работно време за зонско паркирање

ДЕСК

Одржана првата работилница за изработка на Стратешки план за развој на Општина Илинден

ДЕСК

Неделен лабораториски извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење

ДЕСК