Пратеникот од СДСМ, Борче Цветков, на денешните пратенички прашања посочи дека земјоделството никогаш не било во полоша состојба, како овие две години со Владата на ВМРО и нивната коалиција. Во отсуство на министерот за за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветков постави прашање до заменик министерот Албрим Хоџа, во однос на тоа кој ќе понесе одговорност за катастрофалната состојба во земјоделството.
Во продолжение е интегралното обраќање на Цветков:
„Земјоделството никогаш не било во полоша состојба, нема гранка каде што нема проблем – секаде хаос, неизвесност, понижени земјоделци оставени сами да се борат за егзистенција.
Министре, додека се фалите со непостоечки успеси, додека кратењето на субвенциите се обидувате да го претставите како некоја реформа, реалноста на терен е алармантна – земјоделците се во безизлезна состојба, сточарите се пред пропаст, најавуваат затворање на фарми. Тутунарите се излажани и револтирани.
Оризопроизводителите, лозарите, овоштарите, полјоделците – сите се соочуваат со исти проблеми – ниски откупни цени, неисплатени субвенции, огромни производствени трошоци и целосна негрижа од државата.
Со понижувачки откуни цени се соочуваат и производителите на зеленчук.
Што им направивте на тутунопроизводителите? Не само што не ги зголемивте субвенциите како што ветувавте, туку и ги намаливте од 100 на 80 денари за килограм. Исплатата на субвенциите доцни, а сега дополнително воведовте и ново ограничување во начинот на исплата на субвенциите. Првата исплата е само до 2 тона тутун. За тие што имаат над 2 тона, неизвесно е кога и дали воопшто ќе добијат субвенции.
И згора на сè, им барате да вратат пари.
Секаде, во Европа, во цел свет, земјоделството и производството на земјоделски производи е високо на приоритетната листа на владите, само кај нас Владата на ВМРО крати од земјоделството и земјоделците.
Во сред криза ги оставивте земјоделците сами, калкулиравте, па на крај носите половична мерка.
Вие, ги излажавте земјоделците и сте одговорен за намалување на субвенциите за земјоделците за 40 милиони евра.
Секаде скративте од субвенциите – кај тутунот, во сточарството, кај пченицата, оризот… ги укинавте сите добри мерки на СДСМ, ја укинавте авансната исплата.
Воведовте построги критериуми со кои илјадници мали земјоделци се исфрлени од можноста да добиваат субвенции, а истовремено, лимитот за субвенции за големи компании го зголемивте на 1 милион евра.
За две години не видовме ниту една развојна мерка – но затоа видовме купови криминални скандали врз грбот на земјоделците.
Покажавте дека ниту имате капацитет, ниту волја да го развивате земјоделството и да им помагате на земјоделците.
Оттука, моето прашање до вас е: дали чувствувате одговорност, односно кој ќе понесе одговорност за ваквата катстрофална состојба во земјоделството.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


