Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на денешната седница за пратенички прашања упати две прашања до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи дека безбедносниот систем во државата е во сериозен распад и дека МВР не функционира ниту како превентивен, ниту како заштитен механизам за граѓаните.
Талевски посочи дека последните години се карактеризираат со низа тешки криминални и насилни настани, од убиства и семејно насилство до сериозни безбедносни пропусти, како и сомнежи за протекување класифицирани информации, при што, институциите не реагираат навремено и не преземаат одговорност.
Талески рече дека наместо заштита на граѓаните, системот е ставен во функција на политички интереси, а институционалната реакција е задоцнета и недоволна.
Во продолжение интегрален текст од прашањата на Талески:
Не можам да кажам почитуван, не поради мојата лична култура туку затоа што почит се заслужува, прво пред граѓаните а после и пред пратениците.
Тошковски,
Дека нема систем, дека МВР не функционираат и дека граѓаните се оставени сами на себе – јавноста одамна знае.
Состојаба е алармантна.
После толку жртви, убиства, насилства, 5 тони дрога преку граница и целосен распад на безбедносниот систем, се отвора едно суштинско прашање: што уште треба да се случи.
Премногу човечки животи згаснаа, премногу семејства се уништени, а секоја нова трагедија е нов доказ дека МВР под ваше раководство не функционира ниту како превенција, ниту како заштита.
Во Прилеп беа запалени 24 возила, опожарен ноќен клуб, во двор од куќа беше фрлена бомба, во друга беше поставена експлозивна направа, а угостителските објекти станаа мегдан за насилство и оружени пресметки.
Семејното насилство стана секојдневие, а трагедиите се случуваат и покрај бројните претходни пријави кои институциите ги игнорирале.
Млада жена и дете беа убиени во Скопје и покрај 12 пријави за насилство. МВР било слепо и глуво.
Во Велес, насилник уби жена и нејзиниот татко. Во Старо Нагоричане, сериски убиец со години убивал жени додека институциите не реагирале.
Во Кочани згаснаа 63 животи, а до денес нема вистинска одговорност.
Пет тони дрога поминаа преку граница без никаква контрола. Пет тони дрога ејј – без одговорност. Ништо.
Брутални тепачки и врсничко насилство се случуваат во училиштата. Јавноста беше потресена од случајот со брутално насилство врз девојче во Скопје. Грозоморни случаи на злоупотреба на малолетници се случија во Скопје, Гостивар и Неготино.
Превенција нема. Одговорност нема.
Во последните две години, со ВМРО-ОКГ на власт и со вас на чело на МВР, Македонија живее во страв, несигурност и насилство кое стана секојдневие – во училиштата, во домовите и на улиците.
Системот е ставен во функција на заштита на власта, наместо на заштита на граѓаните.
Полицијата е партизирана со измените на Законот за МВР и претворена во инструмент за заштита на криминалната група ВМРО-ОКГ и за пресметка со политичките неистомисленици.
И сега, после целиот овој распад, Македонија се соочува и со тежок безбедносен скандал од членството во НАТО – сомнежи за протекување класифицирани информации, државни тајни и НАТО документи од Кабинетот на претседателката.
Башка муабет е тоа кој има потреба од шпионирање во кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, која за власта е неважна.
Или што во владата има офицер за врска со Москва и со српските служби.
Но скандалот сам по себе говори за безбеносни пропусти и од тоа бегање нема.
Она што е најскандалозно а го дозна владата е дека Обвинителството со месеци барало обезбедување на докази, електронски податоци и снимки од видео-надзорот, а МВР не постапувало.
Постапувањето е по пријава од крајот на минатата година, за настан во ноември. Сега сме мај. Речиси 6 месеци.
Тоа значи дека вашето МВР со тоа што со месеци не постапувало по наредбите на ОЈО ГОК за обезбедување докази во случајот директно ја опструирало истрагата.
Дополнително, поразителителен е фактот што вработени во самото МВР преку анонимни пријави и преку медиуми алармираат за шпионажа и заташкување.
Што покажува ова? Дека работата не е наивна воопшто.
Затоа, јавноста заслужува директни одговори:
Дали Тошковски сега ќе понесете одговорност за целосниот распад на безбедносниот систем?
Од насилствата, преку петте тони дрога, до најновиот скандал со можно протекување државни тајни и НАТО документи.
Дали чувствувате лична, морална и политичка одговорност за состојбите во МВР и дали конечно ќе поднесете оставка?
Македонската јавност со месеци сведочи на скандалозно однесување на вицепремиерот Арбен Фетаи, кој наместо на работа, јавноста го гледа на патувања низ Тајланд и Азија, додека Владата молчи, а граѓаните плаќаат.
Со месеци не присуствува на владините седници. Со месеци не дава отчет пред јавноста. Со месеци не се појавува таму каде што треба да ја извршува функцијата за која зема плата од граѓаните. Го нема и во Собранието каде треба да одговори на прашањата на народните избраници.
Но, покрај се платата си тече. Функцијата си ја ужива. Фотографиите од Бангкок се тука.
И денес граѓаните со право прашуваат: дали законите во оваа држава важат за сите или само за обичниот народ? Секој кој не е функционер не би бил вака толериран на работното место. Секој во ваква ситуација би добил отказ.
Но кога вицепремиер со месеци не оди на работа, тогаш очигледно сè е дозволено. Тој и понатаму зема целосна вицепремиерска плата и ги користи сите бенефиции на функцијата иако со месеци не е присутен на своето работно место.
Особено е срамно што човек кој треба да биде лице на „доброто владеење“, отчетноста и институционалната култура, стана симбол за неодговорност, ароганција и потценување на граѓаните.
Затоа јавноста има право да знае:
Дали Арбен Фетаи и понатаму користи полициско обезбедување од Министерството за внатрешни работи иако фактички не ја извршува функцијата?
Колку полициски службеници се ангажирани за негово обезбедување?
Дали припадници на МВР патувале со него во Тајланд и други азиски држави?
И конечно — дали Владата и МВР сметаат дека е нормално граѓаните, кои едвај преживуваат во услови на инфлација, сиромаштија и милијардски задолжувања, да плаќаат обезбедување, службени привилегии и луксуз за функционер кој очигледно повеќе време поминува на егзотични дестинации отколку на своето работно место?
Затоа граѓаните денес бараат одговор:
Дали МВР е институција што треба да ги штити граѓаните или приватен сервис за функционери кои не работат, а уживаат привилегии на товар на народот?
Граѓаните заслужуваат одговорност, а не ароганција и потценување.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


