28 мај 2026 година, Скопје- Оваа Влада е целосно посветена на зачувување на стабилноста на јавните финансии, паралелно со обезбедување средства за развој на државата, истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Тој посочи дека Владата внимателно и одговорно управува со јавниот долг и навремено ги сервисира наследените обврски, во услови кога државата се соочува со значајни доспевања на долгови од претходните години.
„Минатата година беше реализирана отплата на еврообврзница од 500 милиони евра, а оваа година доспева еврообврзница од 700 милиони евра. Половина од таа обврска веќе е сервисирана, а остатокот ќе биде исплатен во текот на јуни 2026 година. Од 2026 до 2031 година Владата треба да сервисира околу 9 милијарди евра наследени обврски од претходната Влада по основ на главнина и камата, при што управувањето со јавниот долг бара особена внимателност, особено кога нивото се движи блиску до психолошката граница од 60% од БДП“ кажа Јанкуловски.
Тој пред пратениците појасни дека во периодот од втората половина на 2024 година до првиот квартал на 2026 година, само за сервисирање на еврообврзници беа обезбедени 1,2 милијарди евра. Тоа е само главнината и само дел од наследените обврски. Дополнително како што посочи јанкуловски постојат и други финансиски обврски поврзани со проекти и задолжувања на домашниот пазар и потенцираше дека Владата обезбедува средства не само за сервисирање на долговите, туку и за поддршка на економијата и инвестиции во општините.
Во своето обраќање Јанкуловски направи споредба со претходниот период, посочувајќи дека јавниот долг од 2017 до вториот квартал од 2024 година е речиси двојно зголемен.
„Во 2017 година јавниот долг изнесуваше 4,78 милијарди евра, а до вториот квартал од 2024 година достигна 8,87 милијарди евра – речиси двојно зголемување во периодот кога вие бевте дел од власта“, кажа Јанкуловски и додаде дека оваа Влада за разлика од претходната, обезбедува континуиран реален економски раст.
„Во последните шест квартали просечниот раст на бруто-домашниот производ изнесува околу 3,5%, што е јасен сигнал дека економијата се движи напред, дека се зголемува економската активност и дека растот е надграден со инвестиции и фискална стабилност. Тоа директно влијае и врз стабилизирање на односот меѓу јавниот долг и БДП, кој се движи во насока на постепено намалување и останува под психолошката граница од 60%. Да потсетам дека во периодот од 2017 до крајот на 2024 година просечниот економски раст изнесувал само 1,9% од БДП, и покрај значителното зголемување на јавниот долг. Тврдењата дека задолжувањата денес се расипнички свесно го игнорираат фактот дека во 2025 и 2026 година доспеваат значајни обврски за отплата наследени од минатото. Разликата е што денес тие обврски се сервисираат одговорно, додека економијата бележи раст над 3,5%“, рече Јанкуловски.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


