Во чест на патрониот празник на ООУ „Браќа Миладиновци“ во н.м Миладиновци, се одржа пригодна свеченост со која беше одбележано делото и значењето на Браќа Миладиновци за македонската просвета и култура.
По тој повод, свежо цвеќе пред бистата на Браќа Миладиновци положи делегација на Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, пратеничката Драгана Бојковска, директорот на училиштето, како и директори од останатите образовни институции и јавни претпријатија во општината.
Во рамки на свеченоста учениците приредија богата културно-уметничка програма исполнета со музички настапи, рецитали и драмски изведби, преку кои ја покажаа својата креативност и ја изразија почитта кон патроните на училиштето.
Градоначалникот Георгиевски упати честитки до учениците, наставниците и вработените во училиштето, посакувајќи им многу успех, знаење и нови достигнувања. Тој истакна дека Општина Илинден и во иднина ќе продолжи активно да вложува во подобрување на условите за воспитно-образовниот процес и создавање современа и квалитетна средина за учениците.
Со одбележувањето на патрониот празник уште еднаш беше потенцирана важноста од негувањето на вистинските вредности, зачувувањето на културното наследство и почитувањето на ликот и делото на Браќа Миладиновци, кои оставиле значаен белег во македонската историја и просветителство.
фото Општина Илинден
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


