Oбраќање на пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ:
Денес на дневен ред, по скратена постапка, имаме закон за задолжување на државата во износ од 260 милиони евра кај комерцијални банки.
И уште на самиот почеток би сакал да истакнам дека најодговорниот човек во државата, кој треба денеска да биде тука во Собранието и да објасни не само пред народните избраници, туку и пред македонските граѓани по однос на овој заем – денеска го нема тука во Собранието.
Тоа е министерката за финансии, која држеше беседи и делеше покани преку Фејсбук по однос на разрешување на одредени прашања и објаснувања. Меѓутоа денеска гледаме како таа гордо, комитски избега од оваа седница, каде што треба да се дадат клучните одговори на прашањата кои ги загрижуваат граѓаните, затоа што денес зборуваме за народни пари, односно за пари на граѓаните.
Втора работа која ја одбележува оваа седница и овој закон е бруталното кршење на процедурите во Собранието. И на овој начин уште еднаш се докажува дека кога се пари во прашање, кога буџетот е во ваква кризна ситуација каква што е, власта е спремна на сè и на целосно прекршување на Деловникот, правилата и процедурите во Собранието.
И оваа фактура оди на сметка на претседателот на Собранието, затоа што ниту во политиката, ниту во економијата не постои ручек без да биде платен. И оваа фактура уште еднаш оди кај претседателот на Собранието.
И ако направиме аналогија, ако денеска имавме друг Деловник за работа во Собранието, како што беше тој во 2012 година, јас очекувам дека на ист начин ќе бевме исфрлени денеска од Собранието само за да помине овој закон и ова задолжување.
Понатаму да одиме на она што значи суштина. А суштината е дека ова не е нешто што не беше очекувано, затоа што ние неколку пати укажувавме – и кога се носеше Буџетот за 2025 година и кога се носеше Буџетот за 2026 година – на целосно погрешното буџетско планирање од страна на Министерството за финансии.
Укажувавме на тоа дека приходната страна вештачки се напумпува за да се стави во корелација со дефицитот. Укажувавме на сите овие работи кои денеска ни се случуваат, а за волја на вистината и Фискалниот совет во мислењето за стратегијата укажува:
„Најновите истражувања на ММФ покажуваат дека, поаѓајќи од оптимистичките проекции на јавните приходи и повисоките тековни расходи, додека инвестициите во инфраструктурата задоцнуваат, буџетските дефицити ги преминуваат поставените таргети и граници. Создадената разлика ја намалува фискалната дисциплина и ја редуцира сигурноста. Затоа, зајакнувањето на буџетскиот кредибилитет преку подобро предвидување, подобра контрола врз јавните расходи и подобрување на институциите помага во економската стабилност и развој.“
Она што го укажувавме претходно, денеска е ставено и во мислењето на Фискалниот совет.
На крајот на денот, ние можеме само дополнително да го потврдиме тоа и со бројки.
2025 година оваа Влада ја заврши со реализација на капитални расходи од нешто над 50%, или најнизок процент на реализација на капиталните инвестиции.
Ја заврши со долг кон приватните компании од страна на државата, по однос на завршени, а ненаплатени работи, над 600 милиони евра и дополнителен долг по однос на поврат на ДДВ од околу 150 милиони евра.
Кога ќе ги соберете сите овие средства, тие не можат да останат ненаплатени, односно обврските кон тие компании се префрлаат во оваа година, што значи дека притисокот врз буџетот и врз функционирањето станува уште посилен.
Исто така, би сакал да го спомнам и првичниот, најголем проект кој го најави Владата и кој го реализираше, а тоа се милијарда евра земени преку кредитот со Унгарија, кои беа наменети за покривање на стари долгови – 500 милиони, 250 милиони за општините и 250 милиони за компаниите.
Од 250 милиони за општините, според податоците кои ни се достапни, имаме реализација од околу 20%, што значи дека парите се веќе потрошени, меѓутоа компаниите за сработени работи ќе треба да чекаат година, две, три за да си ги земат парите, ако воопшто си ги земат.
И втората работа – 250 милиони кои беа наменети за компаниите како кредитна линија. Не успеавме да дознаеме ниту од Министерството за финансии, ниту од отчетната и транспарентна министерка, кои се компаниите што добиле кредити, за какви проекти ги добиле тие кредити и кои се индикаторите по однос на кои ќе се мери дали таа кредитна линија била успешна.
Затоа што на крајот на денот се работи за средства кои се субвенционирани од страна на државата, односно од парите на граѓаните, и граѓаните имаат право да знаат кој ги добил тие средства, за каков вид проекти и како тие средства се потрошени.
И уште на крај, по однос на самото задолжување – дали беше очекувано или не – да, беше очекувано.
Затоа што, почитувани колеги, имаме целосно нефункционални институции во државата, затоа што имаме целосно нефункционална Влада, односно носители на јавни функции.
Затоа што сега ако излезете низ Дебар Маало, кафаните се преполни со вашите директори и функционери, и ако не се на работа, тогаш значи дека ништо не се работи.
Затоа немаме ефикасно функционирање на институциите и затоа немаме ефикасна работа која ќе се рефлектира во економијата.
Или, на крајот на краиштата, ние две години не научивме како му поминува работниот ден на вицепремиерот Љупчо Димовски.
Во две години, освен што видовме дека Стоилковиќ функционира како културен центар на Србија во Македонија, не видовме никаква друга активност.
Во земја која велиме дека е земјоделска, дека е аграрна, ние немаме министер за земјоделие. Односно, поарно да го немавме отколку ваков, кој направи повеќе штета отколку ќар.
Или ако го земеме министерот за култура и туризам – пошто го збогативме тоа министерство, додадовме и туризам – човекот е како Алиса во земјата на чудата. Освен делот од туризмот што го користи до максимум, во другиот дел немаме ништо.
И на крајот на денот, сите овие алки во синџирот кои демонстрираат сериозна неефикасност, го даваат резултатот што го имаме денес.
И ова не е крај, туку ова задолжување денес е почеток на една финансиска агонија за оваа држава, која ќе видиме како на крајот ќе заврши.
Ви благодарам.
Линк до видео: https://youtu.be/I53ZFgC23eA?si=jZiZ8C-SDtTDXYde
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


