Халкбанк АД Скопје, во партнерство со ЈП Национални шуми, денеска, по повод Денот на планетата земја, реализираше нова, значајна акција за пошумување со активно учество на вработените од Банката и стручни претставници од јавното претпријатие.

Акцијата е насочена кон ревитализација на опожарени површини, со цел повторно оживување на оштетените подрачја, обновување на шумскиот фонд и зголемување на зеленилото. Преку вакви активности се придонесува кон зачувување на природните ресурси, подобрување на квалитетот на воздухот и создавање поздрава животна средина за идните генерации.

Ова пошумување е дел од долгорочната иницијатива на Халкбанк „Еден милион садници за 5 години“, за која кон крајот на 2024 година беше потпишан договор за соработка со ЈП Национални шуми. Со ваквиот стратешки проект Банката ја потврдува својата определба за конкретни и одржливи еколошки инвестиции, насочени кон обновување на шумските екосистеми низ земјата.
За оваа сезона од годината, предвидено е пошумување на 80 хектари површина, со вкупно 215.000 садници од различни видови дрвја, како црн бор, багрем, јасен, јавор и други, внимателно избрани согласно почвените, климатските и хидрографските услови на секоја локација.

Планираните локации за пошумување за оваа сезона се на подрачјата на Струмица, Делчево, Скопје, Кичево и Гостивар.
Иницијативата „Еден милион садници за 5 години“ претставува природно продолжение на веќе воспоставената зелена платформа ХалкЕко, преку која Халкбанк во изминатите години реализираше низа еколошки активности и засади повеќе од 100.000 садници низ државата. Со новата амбициозна цел, Банката прави дополнителен чекор кон создавање позелена и поодржлива иднина.

„Грижата за животната средина не е еднократна активност, туку долгорочна обврска и вредност што ја живееме како компанија. Со секој нов садник со кој практично го зголемуваме годишниот фонд на Национални Шуми, инвестираме повеќе зо почист воздух, поздрави заедници и подобра иднина, а денешната акција е уште еден чекор во остварувањето на таа цел. Горди сме што преку партнерството со ЈП Национални шуми нашата иницијатива „Еден милион садници за 5 години“ добива конкретни резултати на терен“, велат од Халкбанк.

Халкбанк останува посветена на развојот на општествено одговорни практики и проекти кои носат долгорочна вредност за граѓаните, заедницата и природата.


