Пратеникот Миле Талевски, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Интерпарламентарното собрание на православието, кој воедно е и член на Меѓународниот секретаријат на ИПС на православието, учествуваше на Пролетниот состанок на Меѓународниот секретаријат на Интерпарламентарното собрание на православието, што се одржа од 17 до 19 април 2026 година во Тбилиси, Република Грузија. На настанот учествуваа делегации од парламентите на земјите членки и набљудувачи: Албанија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Кипар, Египет, Грузија, Грција, Унгарија, Јордан, Палестина, Романија и Србија.
Домаќин на овој состанок беше Грузискиот парламент и неговата делегација во ИПС на православието. Настанот се одржа во Парламентот на Грузија и започна со официјална средба на шефовите на делегациите и на Бирото на ИПС на православието со претседателот на Парламентот на Грузија, Шалва Папуашвили, кој го отвори состанокот со поздравно обраќање. Тој истакна дека Грузија оваа година ја одбележува 1700-годишнина од прифаќањето на православната христијанска религија како државна религија. Грузија со повеќе церемонијални настани оваа година соодветно ќе го одбележи овој јубилеј, со што ќе се испрати силна порака во мултиконфесионалниот свет дека силата на различните религиозни исповести е моќна да ги надмине сите предизвици и историски тенденции една или друга религија да се негираат, искоренат или девалвираат.
Генералниот секретар на ИПС на православието, Максимос Каракопулос, се заблагодари за гостопримството на Грузискиот парламент и на претседателот Папуашвили, и додаде дека оваа меѓупарламентарна организација останува посветена на надминување на споровите на мирен начин и го поддржува секој дипломатски обид за решавање на конфликтите, а кои подразбираат почитување на индивидуалните и колективните права. Се осврна на досегашните активности на Меѓународниот секретаријат на ИПС на православието, при што нагласи дека клучни приоритети се промоцијата на меѓурелигискиот дијалог, што е основа за градење на просперитетна иднина и стабилност.
Претседателот на Генералното собрание на ИПС на православието, романскиот пратеник Јан Вулпеску истакна дека мора да се има предвид улогата на религиозните лидери во справувањето со конфликтите и насилството низ светот. Тој додаде дека една од улогите на ИПС на православието е да учествува во креирањето на канали за комуникација меѓу парламентарните и религиозните тела.
Во натамошните дискусии беше нагласена потребата од меѓурелигиски дијалог, почитување на различностите и заедништво. Се истакна улогата на парламентарците кои треба да го промовираат и негуваат дијалогот меѓу религиите и културите, кој е основа за мир и стабилност, особено во актуелните турбулентни времиња и кревки региони како што е Блискиот исток, Кавказот и Азија.
На овој состанок акламативно се усвои „Изјава за разорните последици на актуелните глобални конфликти, улогата на религиите и позицијата на Европа“, која следеше по дебатата фокусирана на флагрантните кршења на меѓународното право под влијание на доктрината на сила.
Во текот на програмските активности, шефовите на делегациите остварија средба и со претседателот на Грузија, Микеил Кавелашвили и со патријархот на Грузиската патријаршија, Шио Муџири. Во предвидена церемонија, делегацијата положи венец во Сионската катедрала, каде присуствуваше и на молебен за сеќавање на неодамна починатиот патријарх на цела Грузија, неговата светост и блаженство Илија II.
фото Собрание


