Во рамки на Пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија Антонела Басани, регионалната директорка за Западен Балкан Шиаочин Ју, извршниот директор Јуџин Ругенаат и раководителката на Канцеларијата на Светската банка за Косово и РС Македонија Карол Межеван.
На средбата беше разговарано за досегашната соработка меѓу Македонија и Светска банка, при што беше истакнато дека оваа меѓународна финансиска институција останува еден од најзначајните партнери на земјата во поддршката на развојните политики, институционалните реформи и капиталните инвестиции.
Соговорниците направија осврт на тековното портфолио на активни проекти, кои се насочени кон подобрување на јавните финансии, модернизација на инфраструктурата, енергетска ефикасност, образованието, социјалната заштита и земјоделството.
Посебно внимание беше посветено на реализацијата на Рамката за партнерство со Светска банка за периодот 2024–2028 година, која предвидува значителна финансиска и техничка поддршка за земјата во наредниот период.
Во таа насока беше нагласено дека клучни приоритети остануваат подобрувањето на квалитетот на јавните услуги, создавањето услови за попродуктивен приватен сектор и отворање нови работни места, како и зголемувањето на отпорноста на економијата на климатските предизвици.
Министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека Владата останува посветена на спроведување на реформите кои ќе обезбедат одржување на макроекономската стабилност, стабилни јавни финансии и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Таа нагласи дека партнерството со Светска банка има важна улога во спроведувањето на структурните реформи и во реализацијата на стратешките инвестиции кои треба да придонесат за долгорочен економски раст и поголема економска конкурентност.
Во разговорите беше отворено и прашањето за идната соработка меѓу државата и Светска банка, при што беа разгледани можностите за поддршка на нови стратешки инвестиции, како и потенцијална буџетска поддршка поврзана со спроведување на реформските процеси. Посебен интерес беше искажан за проекти во областа на енергетиката, инфраструктурата и модернизацијата на јавниот сектор, со цел создавање поодржлив економски раст и поголема отпорност на економијата на надворешни предизвици.
На состанокот беше разговарано и за можностите за користење на нови финансиски инструменти што би овозможиле дополнителна поддршка за реформската агенда на земјата, како и за реализација на проекти кои имаат долгорочно значење за економскиот развој.
Претставниците на Светска банка ја поздравија определбата на Владата за продолжување на реформите и ја потврдија подготвеноста на институцијата и во наредниот период да обезбедува експертска и финансиска поддршка за остварување на развојните приоритети на земјата.
На средбата покрај министерката присуствуваше и гувернерот на Народната банка Трајко Славески.
фото: Министерството за финансии


