На маргините на 152. Собрание на Интерпарламентарната унија, кое се одржува од 15 до 19 април 2026 година во Истанбул, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари билатерални средби со претставници на парламенти и меѓународни организации.
На средбата со претседателот на Парламентот на Грузија, Шалва Папуашвили, двајцата претседатели изразија задоволство од позитивниот развој на билатералните односи и ја нагласија заедничката подготвеност за продлабочување на парламентарната соработка, размена на искуства во спроведувањето на реформите и зајакнувањето на демократските институции и владеењето на правото. Беше истакната и важноста на 67. Генерално собрание на ПАБСЕК во Тбилиси, како можност за натамошен дијалог. Претседателот Папуашвили му упати покана на претседателот Гаши да го посети Тбилиси во тој период.
Претседателот Гаши го посети седиштето на Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка (ПАБСЕК), каде имаше средба со генералниот секретар, Асаф Хаџиев. Двајцата соговорници ја потврдија посветеноста на Република Северна Македонија кон активното учество во ПАБСЕК. Тие разменија мислења за можностите за поактивно вклучување на националните парламенти во регионалната соработка, особено во областа на економската поврзаност, инфраструктурниот развој и енергетската безбедност.
Претседателот Гаши се сретна и со претседателот на Глобалниот совет за толеранција и мир, Ахмед бин Мухамед Ал Џарван. На средбата беше потврдена посветеноста на двете страни кон соработката предвидена со Меморандумот за соработка потпишан во ноември 2025 година во Скопје. Претседателот Гаши ја истакна улогата на Северна Македонија во промовирањето на толеранцијата како секојдневна вредност.
Сите средби се одвиваа во конструктивна и пријателска атмосфера. Претседателот Гаши повторно ја потврди посветеноста на Собранието на Република Северна Македонија кон активната парламентарна дипломатија и зајакнувањето на меѓународната соработка.
Фото: Сектор за комуникации и односи со јавноста на Собранието


