Со воена свеченост во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, Првата пешадиска бригада (1.пбр), најголемата борбена единица во составот на Командата за операции, го одбележа Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа: министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали во Армијата, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, пратеници од Собранието, поранешни команданти на единицата, пензионирани генерали, воени аташеи, претставници на локалната самоуправа и Министерството за внатрешни работи и други гости.
Во рамки на свеченоста беа доделени стимулативни мерки, признанија и награди, a беше реализирано и свечено дефиле на единиците и приказ на дел од вооружувањето, возилата и опремата со кои располага бригадата.
Министерот Мисајловски на припадниците на Првата пешадиска бригада им порача дека се дел од единица која „создава стандарди и гради критериуми“ и дека тие не следат, туку го поставуваат нивото кое се очекува од сите останати армиски припадници.
„Дали станува збор за развој на интероперативноста, за заштита на државата, за поддршка на македонските граѓани при разни природни катастрофи, за учество во мировни мисии или зацврстување на колективната одбрана на Алијансата – ние секогаш прво гледаме во вас и во вашите капацитети“, рече министерот. На армиските припадници им порача дека Министерството ќе продолжи да работи за „уште поголем буџет, за подобрување на вашиот стандард, за подобрување на условите во кои работите, за нова модерна опрема за сето она што вам ви е потребно!“
На свеченоста, министерот најави дека денеска се објавува и новиот Јавен оглас за прием на професионални војници, со кој „овозможуваме 300 млади и мотивирани македонски граѓани, физички подготвени и ментално способни, да бидат дел од нашата Армија и лично да придонесат во чувањето на она што сите нам ни е најсвето.“
„Како најголема единица на тактичко ниво, Првата пешадиска бригада претставува еден од клучните столбови на Армијата, со мисија континуирано да одржува највисоко ниво на борбена готовност, во функција на одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на Татковината“, истакна началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Тој посочи дека во изминатиот период 1.пбр била приоритет во процесите на модернизација, опремување и исполнување на НАТО целите на способности, притоа нагласувајќи дека е неопходно да се продолжи со максимална посветеност да се применуваат искуствата од современите конфликти и континуирано да се унапредува борбената готовност. „Опремата сама по себе не е доволна – таа не победува сама, победуваат луѓето“, заклучи генералот Лафчиски.
Командантот на 1.пбр бригаден генерал Дејан Чиплаковски, во своето обраќање даде историски осврт на единицата, истакнувајќи го значењето на минатите генерации и поранешните припадници на единицата како основа на успехот. „Да останеме верни и достојни на нашето мото, „ЧЕСТ И СИЛА“ и ние, припадниците на 1.пбр секогаш да ја имаме иднината пред себе, без притоа да заборавиме на минатото.“ порача во своето обраќање генералот Чиплаковски.
На денешното одбележување на Денот на 1.пбр, беа построени и војниците по договор, кои учествуваа во формирањето на единицата, на кои во знак на благодарност им беа доделени благодарници.
Со одлука на претседателот на државата, 2 април е одреден за ден на 1.пбр, со традициите на денот кога Првата пешадиска бригада е трансформирана во 1.Механизирана пешадиска бригада на 2 април 2012 година.
фото: Канцеларија за воени односи со јавноста
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


