Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, потпиша Меморандум за соработка со Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, подобра координацијата и поефикасно спроведување на законските надлежности на двете институции.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека ова партнерство претставува значаен чекор кон подобрување на соработката во областите од заеднички интерес, особено во делот на изградба и отворање на нова полициска станица во oпштина Илинден.
Овој проект произлегува од законската обврска согласно Законот за изменување и дополнување на Законот на Министерството за внатрешни работи, како и од реалната потреба за зголемена безбедност, имајќи го предвид континуираниот пораст на населението во општината. Новата полициска станица ќе обезбеди побрза и поефикасна реакција при инциденти, превенција на криминалот и зголемено присуство на полициските службеници во заедницата, што ќе придонесе за создавање помирна и посигурна животна средина.
Воедно, граѓаните ќе добијат и подобар и побрз пристап до административните услуги што ги нуди Министерството за внатрешни работи, што дополнително ќе придонесе за поефикасно сервисирање на нивните потреби.
Со реализација на овој значаен проект Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон создавање сигурна, стабилна и модерна средина за живот, преку јакнење на институционалните капацитети и обезбедување одржлив локален развој во согласност со реалните потреби на граѓаните.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


