Мицкоски клечеше и молеше за власт, лажејќи го народот дека ќе го врати името, а сега поради него, Македонија е таа што е на колена. Предадени се нашите национални интереси, стратешката определба на земјата да биде рамноправен дел со обединетите народи на Европа, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот прес.
„Го слушнавте сите Христијан Мицкоски. Подготвен бил да чека со децении за влез на Македонија во ЕУ. Да потроши децении од вашите животи, од животите на вашите деца, внуци, на идните македонски генерации. После ова признание на Мицкоски, веќе на сите им е јасно што се случува во Македонија. Со Мицкоски и неговата организирана криминална група нема членство во ЕУ, а тоа значи, децении загарантирана сиромаштија, загубени генерации поради засилено иселување на младите, карта во еден правец за македонската младост. Значи децении криминал и корупција без никаква контрола. Значи тонење во калта на Мицкоски и неговата криминална банда,“ рече Филипче.
Тој нагласи дека Македонија нема децении за губење за да стои во место, да се плаши во неизвесност и да се затвора во изолација.
„Македонија е создадена за да оди напред, да напредува, да биде слободна, демократска и европска земја. Македонија не е создадена за власта да ја краде, да го пљачка народот и да ја држи во неизвесност. Ова е прашање за иднината на државата,“ рече Филипче.
Тој посочи дека СДСМ и целата коалиција се подготвени да се спротивстават и силно да ја водат борбата за европска Македонија.
„Ве повикувам сите да се приклучите. Да се обединиме околу идејата за напредна, европска Македонија. Против изолацијата, против криминалот и корупцијата. Да живееме во нормална држава, со европски плати и животен стандард, со нула корупција, земја во којашто младите ќе сакаат да останат,“ порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
фото СДСМ
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


