Министерството за социјална политика, демографија и млади, претставувано од министерот Фатмир Лимани, и Синдикатот на администрација, државна управа и правосудство (САДУ), претставуван од претседателот Благоја Ралповски, заедно со Синдикалната организација на Министерството, претставувана од Андријана Гуговска, склучија Колективен договор за вработените во Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Колективниот договор кој денеска се потпиша страните потписници го истакнаа како историски, со оглед на тоа дека е прв Колективен договор кој ова Министерство го потпишува.
Со Колективниот договор се унапредуваат правата на вработените, обезбедувајќи поповолни услови од оние предвидени со постојните законски решенија и колективни договори во јавниот сектор. Документот опфаќа низа нови и проширени права, во согласност со важечката законска рамка, со цел подобрување на статусот и условите за работа на вработените.
Клучната новина е значителното зголемување на платите на административните службеници, кое ќе се реализира етапно:
-7% зголемување од 1 март 2026 година;
-дополнителни 7% од 1 март 2027 година и
-дополнителни 7% од 1 март 2028 година.
Со ова, вкупното зголемување на платите ќе достигне 21% во наредниот тригодишен период.
Платите на вработените кои немаат статус на административни службеници ќе се уредуваат согласно Законот за минимална плата и општите прописи за работни односи.
Колективниот договор предвидува и бројни бенефити за вработените, меѓу кои: додатоци на плата за ноќна работа, сменска работа, работа во денови на празници и прекувремена работа, јубилејни награди, гаранции за заштита од вознемирување на работното место, мерки за заштита и безбедност при работа, уредување на платени и неплатени отсуства и друго.
Со потпишувањето на овој договор, Министерството и социјалните партнери испраќаат силна порака за заедничка посветеност кон подобрување на работничките права, јакнење на социјалниот дијалог и градење модерна и ефикасна јавна администрација.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


