Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека исходот од ултиматумот што му го испрати на Иран во врска со енергетските централи ќе биде „многу добар“, критикувајќи ги земјите од НАТО за „не правење ништо“ и предупредувајќи го Техеран за „тотално уништување“.
Во интервју за израелскиот „Канал 13“, Трамп се осврна на војната со Иран и ултиматумот поврзан со енергетските објекти на Исламската Република, наведувајќи дека последиците наскоро ќе бидат познати.
„Наскоро ќе видите што ќе се случи со ултиматумот за енергетските централи, резултатот ќе биде многу добар“, рече Трамп, додавајќи дека ќе следи „тотално уништување на Иран“ и дека планот ќе „функционира одлично“.
Во исто време, тој упати остри критики до НАТО алијансата, наведувајќи дека Алијансата не направила доволно во однос на Иран.
„Земјите од НАТО не прават ништо, што е голема штета“, рече Трамп и додаде дека „Иран беше многу лош 47 години“ и дека сега „добива казна што ја заслужува“.
Претходно, Иранската револуционерна гарда објави дека целосно ќе го затвори Ормускиот теснец доколку Трамп ги спроведе своите закани за напад врз енергетските капацитети на Иран.
Во официјалното соопштение на Револуционерната гарда се наведува дека, во случај на американски напад, компаниите во регионот во кои САД имаат удел ќе бидат „целосно уништени“, како и дека енергетските постројки во земјите од регионот каде што има американски бази ќе станат „легитимни цели“ на иранските напади.
Тоа соопштение следеше откако Трамп се закани дека ќе ги „уништи“ енергетските капацитети на Исламската Република доколку Техеран не дозволи повторно отворање на теснецот во рок од 48 часа.
САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, во она што го нарекоа „превентивни напади“ што дојдоа по неуспехот на повеќе рунди преговори за нуклеарната програма на Иран.
Потоа Иран започна масовни напади како одмазда против Израел и цели поврзани со САД низ целиот регион на Блискиот Исток, пренесува Танјуг./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


