Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со прогресот на проектот Градски воз, изјави дека проектот е исклучително важен и дека првата фаза веќе е отпочната.
„Градски воз е исклучително важен проект за приградските населби и општини до центарот на главниот град. Во три фази ќе биде. Првата фаза веќе е отпочната, реконструкција на пругата и електрификација ќе се обраќа електрична локомотива, електричен воз и 360 милиони денари е вредноста на проектот“, одговори премиерот Мицкоски.
Претседателот на Владата истакна дека со трите делници од проектот очекува драстично да се намали користењето на патничките моторни возила.
„Првата делница е од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Кисела Вода, Аеродром до центар на Скопје практично, главна железничка станица. Втората делница е од Миладиновци Илинден до Маџари, до главната централна железничка станица, а третата делница е од таа централна железничка станица преку Скопје Север, Ѓорче до Волково.
Отприлика ова ќе биде рутата и цениме дека на овој начин ќе се растерети сообраќајот во Скопје. Голем број на жители на општините околу Скопје и приградските општини ќе можат да ги користат овие линии, ќе бидат навистина брзи, удобни и јас очекувам драматично да се намали користењето на патничките моторни возила, повеќе да се користи овој Градски воз како проект“, рече премиерот.


