Поднесениот Обвинителен акт и Обвинителен предлог што по спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги достави до Основниот кривичен суд Скопје е стапен на сила.
Обвинителниот акт е против седум лица на кои им се става на товар дека сториле кривични дела „Злосторничко здружување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, како и дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Даночна измама“. Двајца од обвинетите, покрај наведените кривични дела, се обвинети и за продолжено кривично дело „Даночно затајување“.
Обвинителниот предлог се однесува против три физички лица за продолжено кривично дело „Несовесно работење во службата“, како и против 13 правни лица за продолжено кривично дело „Даночна измама“.
Според обвинението, истражната постапка утврди дека на почетокот на 2019 година, на територијата на Република Северна Македонија, првообвинетиот, заедно со уште двајца обвинети – како сопственици и управители на обвинети правни лица со намера да стекнат противправна имотна корист – создале група со цел вршење на кривичните дела „Даночно затајување“, „Даночна измама“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. На групата, како припадници, се приклучиле уште четворица обвинети, исто така во својство на сопственици и управители на обвинети правни лица.
Злосторничкото здружение најпрвин имало за цел формирање на правни лица на кои припадниците биле формално назначувани за сопственици и управители, со цел остварување право на поврат на ДДВ, кое би им било оневозможено доколку организаторите биле формални сопственици и управители.
Обвинетите, во име и за сметка на обвинетите правни лица, изготвувале и меѓусебно разменувале фактури со невистинита содржина, како поврзани лица за целите на ДДВ, спротивно на одредбите од Законот за данок на додадена вредност, Законот за данок на личен доход, Законот за данок на добивка и Законот за даночна постапка. Во фактурите внесувале податоци за наводно извршен промет на недвижности, за кој знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле извршени плаќања преку банкарските сметки на правните субјекти.
За периодот од 2019 до 2024 година, во поднесуваните даночни пријави неосновано било користено правото на влезен ДДВ. Обвинетите – овластени сметководители, како службени лица, пропуштајќи должен надзор, несовесно постапувале спротивно на Законот за сметководствени работи, Законот за трговски друштва, Законот за данок на додадена вредност и Меѓународните сметководствени стандарди. Постапувајќи по насоки на организаторите, тие ги евидентирале фиктивните фактури за наводни продажби на недвижности и истите ги прикажувале во даночните пријави за ДДВ поднесени до Управата за јавни приходи, со цел неосновано да се бара поврат на данок или да се намали даночната обврска на обвинетите правни лица.
Со овие дејствија, во даночните пријави бил прикажан повисок влезен ДДВ во вкупен износ од 4.123.102.931 денари, по основ на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот, при што била прибавена противправна имотна корист преку незаконски поврат на ДДВ и користење на институтот на даночни гаранти. Од Управата за јавни приходи бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1.348.996.831 денари.
Средствата, за кои обвинетите знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесени во платниот промет и префрлани меѓу правни лица со цел прикривање на нивното потекло. Дел од средствата биле употребени за купопродажба на имот, враќање кредити кон банки, подигање готовина, како и за плаќање добавувачи на градежни материјали за изградба на станбени комплекси. Со износ од 457.785.310 денари биле покривани даночни долгови на обвинетите и на други правни лица.
Заедно со обвинението, доставен е и предлог за одземање и конфискација на предмети, подвижен и недвижен имот што потекнува од кривично дело, а кој претходно со привремени мерки е замрзнат, како и предлог за продолжување на мерката притвор за првообвинетиот, односно укинување на мерката притвор и определување мерки на претпазливост за второобвинетиот.
Кривичната пријава против три лица осомничени за кривични дела Злосторничко здружување, Даночна измама и Перење пари и други приноси од казниво дело и против двајца осомничени за кривично дело Несовесно работење во службата е отфрлена бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела. Воедно, списите што се однесуваат на постапувањето на даночните инспектори се доставени на надлежно постапување на ОЈО Струмица.


