Centar.mk
фото НБРМ
БИЗНИС

Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за третиот квартал од 2025 година

На редовната седница на Советот на Народната банка е усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за третиот квартал од 2025 година.

Во Извештајот се оценува дека и во третиот квартал од 2025 година, банкарскиот сектор работи стабилно и сигурно, со висока солвентност, подобрена ликвидност и со подобар квалитет на кредитното портфолио. Стапката на адекватност на капиталот е стабилна и изнесува 19,5%, а ликвидносната позиција зајакна со што покрива значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. Квалитетот на кредитното портфолио дополнително се подобри, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,3%. Резултатите од стрес-тестовите укажуваат на висока отпорност на банкарскиот систем на потенцијални шокови.

Растот на депозитите и натаму е солиден, иако е благо забавен, при што значителен придонес имаат денарските и долгорочните депозити. Кредитниот раст на нефинансиските сектори забави на квартална основа, додека годишната стапка на раст на вкупните кредити благо се зголеми и изнесува 14,9%.

И во првите девет месеци од 2025 година, банкарскиот сектор остваруваше добивка од работењето, иако таа благо се намали, но показателите за профитабилноста и натаму се на солидно ниво.

Во време кога сѐ уште постојат надворешни и домашни ризици, се очекува дека тековната поставеност на монетарната политика и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за одржување на ценовната стабилност, стабилноста на девизниот курс и на финансиската стабилност. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи ризиците и ќе ги презема сите неопходни мерки за остварување на своите законски цели.

На истата седница беа разгледани и усвоени повеќе материјали поврзани со работата на Народната банка.

фото НБРМ

Можеби ќе ве интересира

Дали знаете како е да живеете во страв за парчето леб? 10.000 работници од игрите на среќа порачаа дека нема да бидат жртви на политички игри

ДЕСК

Дарија Боризовска и Сара Милковска од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје меѓу финалистите на Европскиот квиз за пари 2026

ДЕСК

Во март 2026 година просечната месечна исплатена бруто-плата изнесуваше 72 818 денари

ДЕСК