Во Скопје и неговата околина моментално функционираат приближно четириесет поголеми индустриски капацитети кои поседуваат А интегрирана еколошка дозвола, покажуваат податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според јавно достапните информации на Државниот инспекторат за животна средина, во текот на 2025 година биле спроведени вкупно 1.373 инспекциски надзори низ државата, од кои 200 на територијата на Скопскиот регион. Од вкупниот број контроли, 1.263 биле редовни, додека 110 биле вонредни, односно ненајавени инспекции.
Во ТИТАН Усје во истиот период биле извршени пет инспекциски контроли – две редовни и три вонредни. При ниту една од нив не биле утврдени неправилности во работењето на компанијата, покажуваат неделните и шестмесечните извештаи на Инспекторатот.
Во текот на 2024 година, Државниот инспекторат за животна средина реализирал вкупно 1.535 инспекциски контроли на национално ниво, од кои 276 биле спроведени во Скопје. Според годишниот извештај за работата на Инспекторатот, најголем број надзори биле извршени во Полошкиот регион (287), по што следуваат Скопскиот регион со 276 и Вардарскиот со 269 инспекции.
Кога станува збор за утврдени неправилности, во 2024 година предничи Вардарскиот регион со вкупно 90 констатирани прекршувања, по што следуваат Југоисточниот со 55 и Полошкиот со 46. Во Скопскиот регион биле евидентирани 36 неправилности, при што најмногу – по седум – се регистрирани во општините Бутел, Студеничани и Чучер Сандево.
Државниот инспекторат за животна средина е надлежна институција за вршење надзор над правните субјекти кои располагаат со А интегрирани еколошки дозволи.


