Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервјуто за Сител телевизија истакна дека СДСМ нема да запре во борбата против корупцијата на власта и додаде дека објавените документи за тендерските шеми се сериозен аларм за кој треба да реагираат институциите, но и јасен доказ за длабоко вкоренета корупција.
-Многу институции може и треба да реагираат на документите коишто ние ги прикажуваме. Да некоја компанија добие 161 тендер, и со друга фирма да добијат 13,5 милиони евра во изминатите само година и пол? Тоа се пари коишто на еден наш работник со плата од 400 евра му треба да работи 35 илјади месеци за да ги заработи. Тоа се над две и пол илјади години работа, нагласи Филипче.
Тој посочи и друг фрапантен пример на сомнителни тендери.
-Имаме фирма која земала тендери во износ од милиони евра со само двајца вработени. Народот не е наивен. И друга фирма, како така наеднаш ја продале фирмата, па добиле 161 тендер? Тој бил среќник што ја купил фирмата, а има фотографии заедно по социјалните мрежи. Никој не е наивен. Ние поднесовме документи до ДКСК и ќе видиме како ќе реагираат. Да ве потсетам, на почетокот на објавувањето на првата серија бомби во 2015 година, исто така никој не веруваше дека е тоа вистина, па подоцна се докажа дека е вистина, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека борбата против корупцијата нема да запре и дека Антикорупцискиот тим на СДСМ ја унапредува својата работа.
„Нашиот антикорупциски тим ја шири платформата. Утре ќе ја претставиме и новата платформа на која граѓаните самите ќе можат да доставуваат документи. Во таа борба нема да запреме. Тоа е нашата борба за иднината на државата“, порача Филипче.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


