Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во денешеното интервју во „Тема на денот“, на телевизија Сител, изјави дека власта одбива да ја поддржи предлог-резолуцијата на СДСМ затоа што постои договор за носење мигранти за пари.
„Зошто не ја потпишат нашата предлог Резолуција во којашто експлицитно стои дека нема да дозволиме да се носат мигранти или економски работници, или како и да ги крстат од Велика Британија, коишто се поврзани со финансии како што соопштуваат британските медиуми. Но, вистинското прашање е зошто избегнува ВМРО-ДПМНЕ да ја потпише декларацијата во којашто јасно кажуваме што сакаме да не се случи кај нас. Ете тоа е вистинското прашање, зошто бегаат – затоа што се договорени“, рече Филипче.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ потврди дека ја продаде државата за пари, за кредити од шест милијарди евра, за мигранти за пари.
Како што кажа Филипче, Резолуцијата на СДСМ е јасен и недвосмислен документ кој има единствена цел- заштита на државата и граѓаните, и ако власта е искрена во изјавите, тогаш ќе ја потпише.
„Ајде да ја потпишеме заеднички декларацијата, сите пратеници во Собранието, во којашто експлицитно еве ќе ги тргнеме сите сомнежи на страна. Еве, ајде ние да си ја земеме работата во свои раце, ајде ние да не дозволиме да се носат мигранти коишто може да ја загрозат безбедноста и финансиската состојба на земјата. Не може премиерот да спинува и да кажува нема да има илегални мигранти, ќе има ли легално донесени? Не може спинови да кажува дека нема да има кампови“, рече Филипче.
Филипче во интервјуто, рече дека со тоа што сега и ВМРО-ДПМНЕ нуди друга Декларација повторно се обидува да манипулира со термините и да го одвлече вниманието на јавноста.
„Зошто даваат друга декларација во која што повторно се манипулира со зборовите? Мигрантите биле вакви или такви, па ние сме земја која има потпишано конвенција за мигранти и ги почитуваме сите меѓународни конвенции што се однесува до миграцијата. Ние немаме проблем со тоа, сакаат ксенофобија да ни налепат. Тоа е апсолутно неточно и тоа е само дел од спиновите коишто ги прават со цел да го одвлечат вниманието“, рече Филипче.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


