Американската администрација оптимистички најавува голем напредок во преговорите за завршување на војната во Украина. Претседателот Трамп го пофали „огромниот напредок“ на својот тим, додека државниот секретар Марко Рубио ги нарече американско-украинските разговори во Женева „многу позитивни“, инсистирајќи дека преостанатите точки „не се непремостливи“.
Во исто време, по состанокот на американските и руските претставници во Абу Даби, Вашингтон објави дека „Украинците се согласиле со мировниот договор“, и покрај „некои ситни детали што треба да се решат“, пишува Си-ен-ен.
Украински извор: Луѓето на Трамп ја разубавуваат реалната слика
Но, оптимистичката слика што ја презентира администрацијата на Трамп не ја одразува целосно реалноста, изјави висок украински извор со директно познавање на разговорите.
Иако изворот потврди дека е постигнат „консензус“ за повеќето точки во мировниот предлог на САД што протече минатата недела, тој нагласи дека сè уште постојат најмалку три клучни области каде што разликите се огромни – разлики што би можеле да го загрозат целиот мировен процес.
Територијалното прашање на Донбас
Првата голема пречка е чувствителното прашање дали Украина ќе отстапи клучни територии во регионот Донбас што Русија ги анектираше, но сè уште не ги освои целосно. Ова се „појасот на тврдини“, низа силно утврдени градови клучни за безбедноста на Украина.
Според претходните предлози на САД, областа би станала демилитаризирана зона под руска контрола. Украински извор изјави за Си-ен-ен дека е постигнат „одреден напредок“ по ова прашање, но дека сè уште не е донесена конечна одлука.
„Би било многу погрешно да се каже дека сега имаме верзија што Украина ја прифатила“, додаде изворот.
Ограничување на армијата
Друго спорно прашање е предлогот на САД Украина да ја ограничи големината на својата армија на 600.000 војници. Извор во Киев потврди за Си-ен-ен дека се дискутира за нов, поголем број, но дека Украина сè уште бара понатамошни промени пред да се согласи на такви ограничувања на сопствените вооружени сили.
Клучната „црвена линија“: членството во НАТО
Конечно, барањето Украина да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО останува неприфатливо за Киев. Извор изјави за Си-ен-ен дека таквата отстапка би поставила „лош преседан“ и практично би ѝ дала на Русија право на вето врз одлуките на западниот воен сојуз „во кој таа дури и не е членка“.
Овие три прашања – предавање на територии, демилитаризација и трајно повлекување од членството во НАТО – се главните причини што ги наведува Кремљ за започнување на војната. Нивното решение во корист на Москва е клучниот руски услов за завршување на конфликтот.
Од друга страна, за Украина, ова се болни „црвени линии“ за кои се бореле и загинале десетици илјади нејзини војници. Формалното откажување од кој било од овие принципи е огромно барање и носи потенцијално големи политички ризици за украинското раководство предводено од претседателот Володимир Зеленски.
Затоа, како и да го прикажува тоа администрацијата на Трамп, тешко дека станува збор само за „неколку преостанати точки на несогласување“ или „мали детали што треба да се средат“, заклучува анализата на Си-ен-ен./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


