Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Велковски: Насилството врз жената и семејното насилство не е приватна работа, тоа е општествен, културолошки и системски проблем, кој бара координирана, стручна и долгорочна акција

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски присуствуваше на настан организиран по повод почетокот на 16 дена активизам против родово базирано насилство насловен „Од пријавување на насилство до спречување на фемицид – системски одговор“ од страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во земјава.

Во своето обраќање Велковски се осврна на важноста на темата на која и покрај напредокот, сè уште бара внимание, посветеност и несопирлива борба.
„Насилството врз жените претставува директно нарушување на човековите права, и затоа секој од нас има одговорност да делува. Насилството врз жените и семејното насилство се појавуваат во најразлични форми и се присутни во сите општества – без исклучок. Некогаш се видливи, некогаш затскриени зад ѕидовите на тишината, но секогаш присутни. И затоа, молкот не смее да биде опција. Нашата обврска е да го препознаеме насилството, да реагираме и да делуваме,“ истакна Велковски.
Тој се осврна и на фемицидот како последна, најстрашна алка во синџирот насилство што започнува тивко – со навреди, омаловажување, контрола, закани – а преминува во физичко малтретирање, тешки повреди и, за жал, премногу често завршува со смрт.
„Овој проблем не е приватна работа на едно семејство. Тој е општествен, културолошки и системски проблем, кој бара координирана, стручна и долгорочна акција. Нашата држава веќе има изграден стабилен механизам за заштита од насилство, и радува фактот што јавната свест сè повеќе се буди,“ рече Велковски.

Тој информираше дека министерството работи на осумгодишна Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, со детално разработен акциски план за спроведување на мерките.
„Знаењето, алатките и законските механизми ги имаме. Но само заедно – институциите, невладините организации, локалните самоуправи, стручните лица и сите партнери – можеме да создадеме општество во кое жените ќе бидат безбедни,“ порача Велковски.

На крајот порача дека Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и Владата на Република Македонија, остануваат целосно посветени на обезбедување брза и ефикасна заштита, целосна поддршка за жртвите и ефикасна превенција.

Можеби ќе ве интересира

НЕВРЕМЕ НА ДЕЛ ОД ТЕРИТОРИЈАТА: Западот и југот со пообилни врнежи и засилен ветер

ДЕСК

(ФОТО) Зоран Заев присуствуваше на роденденот на СДСМ

ДЕСК

ВМРО ДПМНЕ: СДС живее во светот на бајките и лагите, не ВМРО-ДПМНЕ, ММФ вели дека сме меѓу првите три држави кои примениле најмногу мерки за справување со ценовните шокови

ДЕСК