– Денес е чест да се обратам по повод воспоставувањето на Ресурсниот центар – стратешка алатка со која ја зацврстуваме имплементацијата на Националната развојна стратегија, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации и со поддршка на Владата на Република Македонија, изјави премиерот Христијан Мицкоски при денешното отворање на Ресурсниот центар, говорот го пренесуваме интегрално:
Овој центар не е само нова институционална структура. Тој е јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современо управување, транспарентност и ефикасност. Проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици – преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура. Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати.
Доброто владеење е повеќе од административна функционалност. Тоа значи институции што работат со интегритет, со координација, со отчетност – како на национално, така и на локално ниво. А токму во оваа рамка, децентрализацијата е еден од најважните столбови.
Зашто силни и функционални општини значат силна држава. Кога локалната самоуправа има знаење, капацитети и ресурси, таа е најблиску до граѓаните. Таа може најбрзо и најпрецизно да ги почувствува нивните потреби, да понуди решенија и да создаде заедници што напредуваат.
Иако изминатите две децении вложувавме значајни напори за развој на децентрализацијата, мора искрено да признаеме: резултатите сè уште не се на нивото кое граѓаните го заслужуваат. Особено во делот на квалитетните јавни услуги, управувањето со ресурсите, како и во создавањето услови за локален економски развој. Локалните власти се одговорни за многу клучни политики кои секојдневно го допираат животот на граѓаните – и токму затоа мора да бидат силни, стручни и ефикасни.
Ресурсниот центар е нашиот заеднички одговор на овие реални предизвици. Владата, преку Министерството за локална самоуправа, создава механизам со кој општините добиваат стратешка поддршка, експертиза и инструменти за подобра имплементација на децентрализацијата и на рамномерниот регионален развој.
Зајакнувањето на општините не е трошок – тоа е инвестиција. Инвестиција во подобар живот, во одржлив развој, во стабилност на локалните заедници и во функционална држава што знае каде оди и што гради.
Само со силни општини можеме да ја изградиме Македонија која не само што ги следи европските стандарди – туку ги живее.
Затоа, сакам да упатам јасна порака до секој градоначалник, без разлика дали води голема урбана општина или мала рурална заедница: разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, користете ја поддршката, побарајте експертска помош таму каде што постојат предизвици или недостиг на капацитети. Ова не е слабост – ова е мудрост во управувањето.
Почитувани,
Со оваа иницијатива создаваме алатки, структури и знаења што ќе ја трансформираат нашата земја во модерна, функционална и одговорна држава. Тоа е обврска што ја преземаме кон граѓаните – и тоа е реформскиот дух што ја движи Македонија напред.
Дозволете ми на крајот да упатам искрени честитки до Министерството за локална самоуправа, до министерот Перински, како и до сите партнери Швајцарската амбасада , UNDP и меѓународната заедница кои активно придонесуваат во овој важен процес.
Заедно градиме посилни институции. Заедно градиме посилни општини. Заедно градиме посилна Македонија.
Ви благодарам.“
фото Влада 24/11/2025
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


