Министерот за европски прашања и национален координатор за странска помош, Орхан Муртезани, денеска оствари средба со нерезидентниот амбасадор на Република Кореја, со седиште во Софија, Ким Донгбае; на која се разговараше за унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на развојната помош, економските односи и можностите за идни заеднички проекти во области од заемен интерес. Министерот Муртезани изрази искрена благодарност за континуираната поддршка на Владата и народот на Република Кореја, особено за грант-помошта во вредност од околу 440 илјади американски долари за набавка на осум електрични возила и осум полначки станици за потребите на здравствените инспекторати.
Министерот нагласи дека Министерството за европски прашања, како институција надлежна за координација на процесот на европска интеграција, има клучна улога и во хоризонталната координација на странската помош во земјата, вклучувајќи ја и поддршката од Европската Унија и другите билатерални партнери. Во таа насока, беше изразена благодарност за минатогодишната грант-донација на Република Кореја која овозможи значајно подобрување на ИТ инфраструктурата во МЕП.
МЕП Муртезани ја истакна и успешната соработка меѓу царинските управи на двете земји, реализирана преку заеднички проекти за поддршка на малите и средни претпријатија и развој на е-трговијата, во вредност од околу 700 илјади долари, како и втората фаза на проектот, во износ од околу пет милиони евра, насочена кон унапредување на системите за управување со податоци и ризици. Муртезани и Донгбае ја потврдија подготвеноста за продлабочување на соработката во приоритетни области како дигитализацијата, сајбер безбедноста, здравствените услуги, јавната администрација, зелената агенда и енергетската транзиција.
Министерот Муртезани го информираше амбасадорот Ким за тековниот напредок на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија и ја потенцираше важноста од поддршката на пријателските земји, како Република Кореја, во остварувањето на стратешките цели на државата.
фото МЕП
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


