Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка:
Две недели по мега-скандалот за ИПАРД, наместо да даде одговор на клучните прашања, министерот Трипуновски бега од одговорност, бега од вистината за суспензијата на парите а бега и од одговори.
Еве што пратил Трипуновски на официјалното писмено барање за информаци со ИПАРД скандалот.
Погледнете го овој срам.
Нема ниту збор за причините, нема ништо за времетраењето на суспендирањето на средствата од ИПАРД, нема ниту информација за планираните чекори за надминување на овој сериозен проблем.
Едно големо ништо. Трипуновски праќа општи законски рамки, цитати од регулативи и процедури што се одамна познати и не даваат одговор на клучните прашања што ги засегаат земјоделците.
Овој дрзок начин е директна навреда, исмејување на 3.000 нови бизниси, на 10.000 потенцијални нови работни места, ова е потценување на штета од 130 милиони евра.
Понижување на луѓето кои обезбедуваат храна за оваа држава, кои учествуваат во развојот на целокупната економија, но и семејства кои егзистираат од земјоделство.
Суспензијата на над 130 милиони европски пари не е некоја административна формалност, туку сериозен удар врз илјадници земјоделци и компании кои се потпираат на поддршката од ИПАРД.
Со ова сокривање на информации, Трипуновски го загрозува системот на поддршка кон земјоделците и ја продлабочува штетата што ја претрпуваат.
Овие луѓе, кои што земале кредити за инвестиции, се задолжиле, имаат право да знаат до кога ќе трае суспензијата и кој ќе им ја покрие штетата од задоцнетите исплати.
Човек кој јавно кажува дека не чувствува одговорност за ваков мега-скандал во неговиот ресор и во неговиот мандат не може да биде министер и да води ресор.
Но, јасно е зошто Трипуновски избегнува и медиумски соочувања и зошто не дојде ниту на пратенички прашања: разобличен е, нема веќе како да се одбрани и да ги заштити вмешаните во скандалот кои бесрамно посегнаа по парите на земјоделците.
СДСМ нема да отстапи од барањето за целосни и транспарентни одговори кои земјоделците ги очекуваат и од барањето одговорност.
А Трипуновски, најмалку што може да направи, е да си даде оставка. Министер кој крие информации од земјоделците, кој не чувствува одговорност за ресорот што го води, нема кредибилитет да биде министер за земјоделство.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


