Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија ја одржа својата редовна седница на која беа дискутирани клучните предизвици и можности во секторот, како и насоките за негов понатамошен развој.
На седницата, за претседател на Управниот одбор и претседател на Здружението беше реизбран Андреа Серафимовски, член на УО на ГД „Гранит“ АД Скопје. Изборот претставува признание за неговата стручност, деловна посветеност и континуиран ангажман во унапредување на градежниот сектор кој има значајна улога во економскиот раст и инфраструктурниот напредок на земјата.
Здружението ја реафирмира својата заложба да продолжи да делува во интерес на компаниите-членки и целокупната индустрија, преку следење на состојбите на пазарот, унапредување на законската регулатива и создавање предуслови за предвидлива, стабилна и поттикнувачка бизнис-клима. Во оваа насока, Здружението и во иднина ќе продолжи активно да соработува со надлежните институции, стручните организации и другите релевантни чинители, со цел креирање политики што ќе обезбедат одржлив раст и развој на секторот.
Во рамките на утврдените приоритети, во следниот период на работењето на Здружението уште повеќе акцентот ќе биде ставен на унапредување на процедурите за јавни набавки и инвестициски процеси, подобрување на техничките и безбедносните стандарди во градбите, поттикнување на иновациите и модернизацијата во производството и градежните практики, како и промовирање на одржливи и енергетски ефикасни решенија.
Здружението останува доследно на својата мисија да придонесува во развивање силен, конкурентен и современ градежен сектор, кој претставува столб на економскиот и општествениот развој.
На седницата на Здружението за градежништво, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, советник на претседателот за инфраструктура и економски развој која воедно е дел од Кооординативното тело за унапредување на секторот градежништво заедно со Серафимовски, најголемите градежни компании од Македoнија и високите претставници од Кабинетот на Претседателот на Владата на РСМ, во името на Стопанската комора на Северна Македонија и во име на претседателот на Комората, Бранко Азески му додели ПРИЗНАНИЕ на Андреа Серафимовски за особен придонес, несебично вложување и остварување прогрес на активностите како претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора.
фото Стопанска комора на Северна Македонија


