Осврнувајќи се на состојбите во СДСМ, екс градоначалникот на Крушево, Томе Христоски во објава на социјалните мрежи оценува дека во моментов, вистинскиот предизвик на партијата не е кадровски, туку вредносен и идентитески.
„Време е за вистинска внатрешна промена, не треба да биде козметичка, туку суштинска и темелна. СДСМ мора повторно да стане движење на идеи и вредности, не организација на функции и позиции. Партија што ја враќа вербата кај граѓаните – дека работи за нив, а не за себе. Секоја поделба, секоја елиминација и секоја фракција ја ранува нашата основа. СДСМ мора повторно да биде едно, да обединува, да води, да носи издржани, основани решенија на проблемите“ вели тој.
Христоски истакнува дека на СДСМ му е потребно обединување и враќање на блискоста со членството.
„Ни треба нова енергија, нова визија и нова стратегија, но заснована на старите, чесни вредности – еднаквост, солидарност, правда и труд.Секој е потребен, од младинец до ветеран! Секој поединец, група или здружение на граѓани, секој експерт, но и проширување и окрупнување на опозицискиот критички блок, кој ќе им дише секојдневно во вратот на денешната апсолутна власт на ДПМНЕ. Само така ќе ја вратиме силата, достоинството и кредибилитетот на СДСМ. Само така повторно ќе ја запалиме искрата на надежта кај народот. Во последните години, како општество, но особено како партија, се соочуваме со сериозен проблем: стареење на гласачкото тело, стареење на населението, иселување на младите, работоспособните, губење на врската со народот и намалување на довербата. Онаа човечка блискост, која некогаш беше заштитен знак на СДСМ – се губи. А токму таа блискост беше нашата најголема сила“ стои во објавата.


