Првата прес-конференција по почетокот на вториот изборен круг, кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, ја започна со отворање на темата што, според него, ја засенува секоја друга, нерамноправниот третман во медиумскиот простор и во вториот изборен круг затоа што АВМУ не дозволи политичко рекламирање на Левица.
„Институциите кои се под политичка контрола направија преседан без преседан во македонската демократија,“ рече Мециновиќ, нагласувајќи дека само еден кандидат, оној на власта, ќе има пристап до платено рекламирање, билборди и медиумска промоција.
„Тоа не е само неправда кон мене, тоа е удар врз демократијата. Ова ќе биде забележано во сите извештаи за состојбата во земјава“, додаде тој.
Мециновиќ нагласи дека ќе продолжи со позитивна и проактивна кампања, иако околностите, како што рече, не се рамноправни. „Овој втор круг не е натпревар меѓу двајца кандидати, туку избор меѓу старото и новото, меѓу статус-квото што го изеде градот и визијата за едно поинакво Скопје“, истакна тој.
Според Мециновиќ, апсолутната власт што во моментов ја имаат ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, ја довела државата во состојба на „сè поочигледна авторитарност“. Победата, вели, нема да биде негова лична победа, туку чин на отпор и демократизација на општеството.
„Јас не сум најпаметен, ниту најдобар од сите скопјани“, рече тој. „Но знам дека скопјани заслужуваат град каде што нивниот глас нешто значи. Локалната политика е нашето секојдневие: улиците, воздухот, јавниот превоз, зеленилото. Тие работи не смеат да зависат од партиски договори“.
Мециновиќ подвлече дека нема намера да води деструктивна политика и дека ќе соработува со сите советнички групи во Советот. Потсети дека проблемите во претходниот мандат произлегле токму од партиски суети и лични конфликти. „Не ме интересира да се натпреварувам во суета. Сакам градот да функционира. Ќе соработувам со сите, затоа што Скопје мора да заживее“, истакна.
Кандидатот на Левица испрати и порака до сите граѓани кои се разочарани од политиката и кои во првиот круг останале дома. „Ги повикувам сите здраворазумни Скопјани, без разлика од која партија доаѓаат, да се охрабрат и да гласаат за промена. Овојпат изборот е реален, старите партии веќе не се најголеми фактори“, порача тој.
Тој ги поздрави и независните листи што успеале да влезат во Советот на градот, оценувајќи дека секој советнички мандат што нема да го добијат „старите партии поврзани со бизнис интересите“ е, како што рече, „добредојдена промена“.
На крајот, Мециновиќ одговори и на новинарско прашање за поканата за телевизиски дуел со Орце Ѓорѓиевски. „Подготвен сум на дебата, но покрај вашата покана го повикувам Ѓорѓиевски на јавен дуел, под отворено небо, пред граѓаните и сите медиуми. Таму нека нè слушне народот и нека избере која опција му се допаѓа“.
Со оваа прес-конференција, Мециновиќ го постави тонот на втората рунда од кампањата: помалку конфронтација, повеќе визија. „Нема повеќе вие направивте, ние направивме. Сега има само еден избор, статус-кво или промена која ќе ја градиме заедно“, порача тој.
фото/видео Левица