Балкан Прајм Турс го промовира регионот и Македонија во Азија, со цел да привлече туристи од Кина, Јапонија, Индија, Австралија.
Македонската компанија за дојдовен туризам Балкан Прајм Турс започнува амбициозна промотивна кампања на азискиот пазар, со цел да ја претстави Македонија и регионот на балканот како атрактивна туристичка дестинација.
Компанијата со сопствен штанд ќе учествува на престижниот саем ITB Asia 2025 во Сингапур, кој претставува водечки азиски туристички саем, а кој оваа година се одржува од 15 до 17 октомври 2025. На ITB Asia учествуваат илјадници излагачи од целиот свет, туристички дестинации, хотели, авиокомпании, тур-оператори кои се среќаваат со најважните азиски купувачи од областа на туристичките патувања, и претставува централно место за умрежување и склучување бизниси.
Балкан Прајм Турс паралелно организира и roadshow, патувачки презентации во Јужна Кина и Хонг Конг.
Промоцијата во Азија има стратешка важност за раст на туризмот во Македонија и регионот. Азија има милиони потенцијални туристи, патници со огромната куповна моќ и потенцијал, кои за разлика од традиционалните европски гости кои главно патуваат во текот на летната сезона, патуваат и во периоди надвор од сезоната (на пример, Кинеската Нова Година во јануари/февруари е период кога милиони Кинези патуваат во странство – токму среде нашата зима).
За регионот и земјава тоа значи шанса да имаме гости и приходи и во периодите кога домашните туристички капацитети инаку би мирувале. Хотелите, рестораните во земјава би работеле со повисок интензитет и во зимските месеци, што ја подобрува нивната профитабилност и одржливост, а со тоа се создаваат целогодишни работни места во туризмот, наместо сезонска вработеност.
За Балкан Прајм Турс, присуството на ваков настан со сопствен штанд е значаен инвестициски потфат и логистички предизвик – но и нужна инвестиција во иднината. Девизата „без промоција нема туризам“ се покажува особено точна во денешниот свет на дигитални медиуми и information overflow. Ако сакаме далечните туристи да дознаат за убавините на Балканот, мора проактивно да се претставиме пред нив. Настапот на ITB Asia ни овозможува директно да ја промовираме Македонија и Балканот пред стотици тур-оператори и агенции од Кина, Индија, Југоисточна Азија, Јапонија, Австралија и многу други пазари на едно место.
Колку и да е убава една дестинација, ако никој не знае за неа, таа останува само скриено богатство, а не туристички производ. Тоа е посебно истакнато денес во ера на дигитализација, ефтини летови и лесна достапност на која било дестинација. Азија е можеби значајно оддалечена од Македонија и балканот, но овде живее огромна популација, меѓу кои и луѓе кои се во потрага по автентични и оригинални туристички доживувања, а тоа го имаме ние на балканот.
Станува збор за промоција иницирана од приватниот сектор, која секако би била поефикасна ако постои синергија со државните институции. Координиран настап, поддржан и од државата, би значел подобро брендирање на дестинацијата – нешто кон што треба да се тежнее во иднина.
“Туристите од Азија се во потрага по нови и уникатни искуства. Балканот за нив претставува егзотична и неоткриена дестинација, богата со историја, култура и традиција. Македонија, како дел од поранешна Југославија, им звучи интересно и егзотично. Уште во 2016 година, кинески тур-оператори оценија дека Македонија има огромен потенцијал за кинескиот пазар, особено благодарение на нашите природни езера, културно-историски споменици (цркви, тврдини), како и винскиот и гастрономскиот туризам. Токму ваквите автентични содржини – прошетки низ историски места, дегустација на локална храна и вина, средби со локални занаетчии се она што азиските гости го ценат и бараат за разлика од стандардните „луксузни“ понуди. Нашиот регион може да им понуди нешто што го немаат дома, а тоа е формулата за задоволување на современиот светски турист” изјави Влатко Сулев Генерален менаџер на Balkan Prime Tours.