Министерството за јавна администрација денес го започна вториот циклус на генерички обуки за административните службеници во Полошкиот регион, со што продолжува реализацијата на реформската агенда за професионална, ефикасна и современа јавна администрација.
На настанот присуствуваа претставници од институциите, административни службеници, како и експерти и обучувачи вклучени во обуката.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во своето обраќање истакна дека овие обуки се дел од континуираниот процес на градење нова култура на работа и нов дух во јавниот сектор:
„Реформите во јавната администрација не се само ветувања или празни зборови во уште една владина програма, туку вистински дела што се гледаат, чувствуваат и го менуваат секојдневието на граѓаните. Нема модерна држава без модерна администрација. Нема доверба без професионални, одговорни и мотивирани службеници.“
Министерот нагласи дека со овие обуки државата поставува нов стандард во начинот на кој се грижи за своите службеници, со повеќе од 600 обучени лица од претходниот циклус, а новиот циклус продолжува со уште поголем интензитет и покриеност низ сите региони.
„Овие обуки се практични, современи, инспирирани од најдобрите европски примери и имаат за цел не само да пренесат знаење, туку и да ја менуваат културата на работење – да создадат службеници кои не работат затоа што мораат, туку затоа што сакаат да направат разлика,“ – рече Минчев.
Тој потсети дека во изминатата година Министерството направи сериозни чекори во реформите на јавната администрација – со нови законски решенија што ја зајакнуваат отчетноста и транспарентноста, модернизација на системот за човечки ресурси ИСУЧР, развивање на ЛМС системот за онлајн обуки и воведување на нови практики за професионализација и ефикасност.
Дополнително, тој ја нагласи важноста на јавната администрација како темел на државноста и двигател на европската интеграција:
„Европеизацијата не почнува во Брисел – таа почнува овде, во секоја општина, на секој шалтер, во секој службеник кој ја работи својата работа со чест, со почит и со интегритет.“
Завршувајќи го говорот, министерот Минчев испрати силна порака:
„Јавната администрација не е трошок – таа е инвестиција. Инвестиција во стабилност, доверба и државност. Денес градиме систем што ќе биде транспарентен, човечки и европски по дух. Сега е моментот да покажеме дека државата може да функционира поинаку – со ред, со принципи и со резултати.“
Со вториот циклус на генерички обуки, Министерството за јавна администрација продолжува да ја гради визијата за професионална, етичка и европска администрација – администрација која ќе биде гордост на државата и вистински сервис на граѓаните.