20. септември 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-ЛОКАЛНО

Герасимовски го претстави тимот за урбанизам, еминенти урбанисти и архитекти на листата

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го претстави тимот од Комисија за урбанизам, составен од врвни архитекти и експерти кои работат на современи и одржливи урбанистички решенија за општината. Танкица Христова Спасовска, м-р Биљана Насковиќ, м-р Дамјан Цингарски, Александра Марсениќ Крајчески, Ана Лукиќ Коробар, д-р Маја Лазаревска и проф. д-р Митко Хаџи-Пуља е тимот што работи на планови за хуман развој и одржлива урбанизација со акцент на зеленило, велосипедизам, подземни паркинзи, јавни плоштади и квалитетно партерно уредување. Тимот ќе продолжи да се надградува и проширува со нови експерти, со цел уште посеопфатно да одговори на предизвиците на современиот урбан развој.

„Ова е тимот од еминентни урбанисти и архитекти. Работиме транспарентно и инклузивно, со активно учество на граѓаните и стручната јавност во процесот на донесување урбанистички планови. Ние сме лидер во промените, со храбри и визионерски одлуки секогаш во интерес на центарци. Прифатена е иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти, што подоцна се преточи во законско решение, кое беше победа не само за нашата општина, туку и за сите општини во државата. Со одлуките што ги донесовме, воведовме нови стандарди усогласени со европските практики. Секое издавање дозвола за градба мора да предвидува паркинг-места за велосипеди, а употребата на механизирани системи за паркирање е ограничена на максимум десет проценти од вкупниот број паркинг-места. Деталните урбанистички планови за Буњаковец и Дебар Маало предвидуваат зголемување на зелените површини, враќање на парковите и јавните простори на граѓаните, како и задржување и проширување на дрворедите и велосипедските патеки долж главните улици“, вели Герасимовски.

Тој потенцира дека приоритет на општината е обезбедување повеќе зеленило и јавни простори, современа инфраструктура и функционален сообраќаен систем со решенија за паркирање кои ќе го намалат метежот.

„Работиме на изградба и уредување на велосипедски патеки и јавни плоштади, воведуваме ред во градежните зони со обврска оградувањето на градилиштата да биде исклучиво во рамки на градежната парцела и ја сопираме злоупотребата на рамните кровови кои досега се користеа како тераси. Урбанизмот е клучен инструмент за создавање квалитетен и одржлив животен простор. Како врвен приоритет го поставивме рационалното искористување на просторот, уредувањето на јавните површини и обезбедувањето рамнотежа помеѓу станбените, деловните и рекреативните зони“, додава Герасимовски.

Општина Центар активно инвестира и во реконструкција на постари станбени згради со цел тие да станат енергетски поефикасни и да се намалат трошоците на домаќинствата.

Можеби ќе ве интересира

Чупеска: Институциите овозможуваат и не спречуваат насилства

C +

Граѓаните немаат партнер во оваа власт, мора да се бориме за заедничкиот дом, вели професорката Чупеска

C +

Чупеска: Граѓаните ја изгубија вербата во демократските институции и во можноста за остварување на правда

C +