Прес-конференција на министерот за здравство, Азир Алиу:
Вчера донесов одлука заснована на факти, на закон и на обврската да ја заштитам довербата во здравствениот систем.
Стоматолошката комора е чувар на професионалните стандарди – таа одлучува кој стоматолог може да работи, преку издавање, и продолжување на лиценци.
Лиценцата не е парче хартија – таа е гаранција дека секој пациент е во сигурни раце, дека стоматологот е стручен, етички и во чекор со светските трендови.
Но, надзорите и документите покажаа сериозни пропусти:
• Едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување лиценци;
• Договори склучувани ретроактивно, спротивно на законот;
• Одлуки и документи без потпис и со невалидна документација;
• Игнорирање на привремената мерка и конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на закон.
• Исто така, има сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби на Комората, за кои финансиската полиција истражува и има прибавено обемна документација, за која верувам дека за брзо време ќе има и епилог
Ова е директен удар врз една од петте столбови на мојата визија за здравството – континуирано професионално усовршување.
Во време кога стоматологијата напредува со дигитална дијагностика, 3D-скенери и минимално инвазивни процедури, ние мора да имаме кредибилен, законски и транспарентен систем за лиценцирање.
На Комората ѝ беше дадена можност да ги отстрани недостатоците. Но, не го стори тоа.
Затоа, имајќи ја предвид одредбата од член 261, став 1, алинеја 4 од Законот за здравствената заштита, а врз основа на препораките на стручната комисија, донесов одлука, за времено одземање на јавното овластување на Стоматолошката комора.
Од денес, Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање, сè додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално.
Овој чекор не е казна – ова е почеток на реформа. Реформа што ќе врати доверба, ќе обезбеди интегритет и ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаења и вештини усогласени со најновите светски стандарди.
Здравјето на граѓаните, професионализмот на институциите и модернизацијата преку образование и иновации ќе останат нашиот приоритет.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...