Од 1 јануари 2026 година, во Словенија делумно ќе стапи во сила закон кој претставува вистинска револуција на пазарот на трудот. Освен зголемување на надоместоците за невработеност и јавни работи, како и олеснување на пристапот до пазарот на трудот за младите, студентите, но и пензионерите, законот ќе им овозможи на лицата кои се блиску до пензија да ја намалат работната обврска.
Конкретно, работниците постари од 58 години, како и оние со најмалку 35 години работен стаж, практично ќе можат да изберат помеѓу слободен петок, или скратен работен ден во траење од шест часа, потврдија од Министерството за труд, семејни и социјални прашања и еднакви можности за словенечките медиуми.
Според моделот наречен 80-90-100 – што значи 80 отсто работно време, 90% плата и 100% уплатени придонеси – Словенија делумно ќе ги преземе искуствата на земји како Исланд, Ирска и Германија. Во овие земји ваквите закони довеле до позитивни ефекти како зголемена продуктивност, помалку отсуства од работа и поголема ефикасност. Словенците веќе имаат неколку пилот-проекти, претежно во технолошки компании, кои покажале слични резултати.
Од Министерството за труд најавија дека, доколку измените се покажат успешни, ќе се оди во насока на дополнителна либерализација на прописите. До крајот на 2028 година се очекуваат и промени како додаток за работа во сабота, задолжителен божиќен бонус за сите вработени, па дури и воведување на 38-часовна работна недела.
Во оваа прва рунда на измени донесени се и други мерки. Така, од 2026 година невработените Словенци ќе имаат повисоки надоместоци за невработеност. Максималниот износ што ќе го примаат во првите три месеци по отказ или раскин на договорот за работа ќе изнесува 130 проценти од просечната бруто минимална плата во државата, што моментално е нешто повеќе од 1660 евра. Ако ни по три месеци не најдат нова работа, ќе имаат право на 110, па 100 отсто, па сè до 70 проценти од просечната бруто минимална плата.
Значајни промени и зголемени надоместоци ги очекуваат и учениците, студентите и учесниците во јавни работи, кои покрај повисоки минимални часовни тарифи ќе имаат и подобрени работни услови. Планирани се и стимулации за вработување на невработени лица постари од 59 години во износ од 40 проценти од месечниот нето надоместок, а оваа категорија ќе има право на зголемен број дозволени часови за привремена или повремена работа. Месечното ограничување за работа на пензионерите се зголемува од 60 на 85 часа месечно, соодветно со зголемување на максималниот годишен приход.
Законот на крајот беше усвоен по итна постапка бидејќи неговото донесување беше услов за повлекување 140 милиони евра европски средства за таа цел./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...