Сојузниот јавен обвинител во Германија започна истрага против неколку лица под сомнение дека се членови на терористичка организација и дека подготвувале сериозно кривично дело насочено против уставниот поредок, соопшти денес Сојузното обвинителство.
Како што е наведено, осомничените планирале насилно соборување на германската држава и воспоставување сопствен државен систем.
Групата е поврзана со таканаречените „Рајхсбургери“ околу принцот Хајнрих XIII, чии водечки членови беа уапсени во декември 2022 година.
Како дел од истрагата, идентификувани се нови осомничени кои наводно ја поддржувале групата или учествувале во подготвителни активности, соопшти баварската полиција.
Поради ова, баварската криминалистичка полиција, под надзор на Обвинителството во Минхен, започна истрага против шест лица.
Денес, во раните утрински часови, беа извршени претреси на осум локации, четири во Баварија, три во Саксонија и една во Тирингија.
Осомничените се пет мажи и една жена, на возраст меѓу 40 и 61 година, прецизираше полицијата.
Обвинителството соопшти дека, поради тековната истрага, во моментов не може да даде дополнителни информации и нагласи дека осомничените се сметаат за невини./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...