Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро реагира на огласот бр. 3/2025 објавен на 31.07.2025 година од Министерството за животна средина за вработување на 11 помлади инспектори во Државниот инспекторат за животна средина на определено време до 31.12.2025 година, со нереален рок за аплицирање од само три дена до 02.08.2025. ДОМ го оценува овој чекор како неприфатлива манипулација пред локалните избори. Со оваа брза и нетранспарентна процедура, спроведувана и за време на државен празник, сериозно се поткопува кредибилитетот на институцијата.
ДОМ јавно прашува како е можно да се вработуваат и да вршат инспекциски надзори во индустријата инспектори без лиценци, кога согласно Законот за инспекциски надзор и Законот за инспекциски надзор во животна средина мораат да ја поседуваат лиценцата? Не станува збор само за грешка во постапката, штетата врз институцијата е уште поголема затоа што се нанесува силен удар врз стручноста на истата.
Ова е уште едно предизборно полнење на институциите со партиска администрација. Институциите не смеат да се претворат во партиска каса, каде што местата се мерат според политичката припадност, а не според нивното знаење и компетентност.
ДОМ го прашува министерот од ЗНАМ г-н Горан Минчев: Вака ли ќе ја департизирате администрацијата со наместени огласи од партиски војници? Животната средина не може да ја зачуваат нестручни и необучени партиски послушници, водени од мотивот да добијат награда за својот ангажман на претстојните локални избори.
Со одлучност и без компромис, Зелената партија ДОМ бара итно поништување на овој сомнителен оглас, целосно почитување на законските лиценци и стручни стандарди, како и спроведување на транспарентна, непристрасна постапка за вработување инспектори. Само на тој начин можеме да ја вратиме довербата на граѓаните и да ја заштитиме природата за идните генерации.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...