Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МПЦ ја погреши годината за вториот Илинден, во годинашното Илинденско послание наместо 1944 се наведува 1941-ва година

МПЦ ја “утна” годината за вториот Илинден, во посланието наместо 1944 се наведува 1941-ва година:

Посланието на Г.Г. Стефан по повод Илинден го пренесуваме во целост:

Возљубени празникољупци,
Светиот пророк Илија во самото свое име ја носел суштината на својот подвиг! Имено, Илија значи „Господ е мој Бог“ и „Вечниот е мој Творец и мој Живот“. Па затоа, целиот негов живот бил сведоштво и борба за вистината дека постои само еден и единствен Творец и Промислител на сѐ што постои. Тој живеел во деветтиот век пред Христа и својата пророчка дејност ја извршувал во времето на богоборното и идолопоклонско владеење на царот Ахав и на неговата жена Језавела, коишто, всушност, биле главната причина за неговото пророчко делување. Имено, тие, како моќници од овој свет, кај старозаветниот еврејски народ внедрувале обичаи кои биле спротивни на Божјите спасителни заповеди. Како последица на таквото нивно владеење, народот ја напуштал својата вера во единиот Бог и го прифаќал многубожечкото идолопоклонство. Затоа пророкот Илија, воден од вечниот Бог, во таа своја духовна војна против богоборците, го затворил небото над отпаднатото Израилско царство и дожд не заврнал три години и шест месеци.

Со своите праведност и богоугодност, тој ги победил жреците на лажниот бог Ваал, со што ја засведочил моќта на сесилниот Бог, низведувајќи оган од небесата, воскреснувајќи мртви и чудесно умножувајќи ја храната за народот, којшто ја зачувал вистинската вера.

Како дар за неговото послушание, од Бога бил постојано поткрепуван за да истрае во праведната борба. Така, на крајот од својата пророчка дејност, а по неискажливата промисла Божја, пророкот Илија со огнена кочија бил вознесен жив од овој свет. А кога се исполнило времето, тој бил удостоен, заедно со пророкот Мојсеј, да присуствува на Преображението на Господ Исус Христос на планината Тавор. Но, Бог, Кој е чудесен во Своите светии, промислил пророкот Илија да присуствува и на крајот од времето на овој свет и да учествува во последните настани во конечната победа на вистината над лагата, на доброто над злото, на Христос над aнтихристот.

Возљубени христољупци,
Од подвигот и сведоштвото на пророкот Илија, до денешен ден, минаа многу векови. Отпадништво од верата сѐ уште има, а во многу делови на светот присутни се судири и војни. Нашата Македонија, пак, продолжува да биде пред постојани искушенија, оспорувања и лажни ветувања. И понатаму, за жал, светот го раководат лагата, користољубието и желбата да се завладее туѓото врз принципот на посилниот. Затоа, во ова и вакво време, секој вистински богољубец и човекољубец треба да биде миротворец, треба да биде пример во доброто! Без такви личности постои опасност светот да постане место без надеж и иднина! Затоа верата, подвигот и љубовта на пророкот Илија, но и на сите светии и угодници Божји, треба да бидат пример за следба!

Возљубени потомци на славните илинденци,
Великиот пирински војвода Јане Сандански рекол: „Да живееш, значи да се бориш: робот – за слобода, а слободниот – за совршенство“. Овие негови зборови ја разоткриваат смислата на постоењето! Тие сведочат за потребата човекот како личност, но и секој народ, да се бори за својата слобода! Па оној којшто нема слобода не може да се пројави во времето на овој свет, а и не може да принесе плод од своето постоење – и пред историјата и пред Творецот. Затоа славните илинденци ја започнале својата борба, иако биле свесни за неповолната историска реалност, како и за присутното неединство и честите предавства. Копнежот по слободата ги храбрел да се кренат против силната Османлиска империја, но и да покажат дека постојат и дека за народот кому тие му припаѓаат треба да има место под сонцето. И со тој подвиг покажале дека Македонците и Македонија не се умртвени ниту по многувековното ропство, и дека се желни за слобода. Тој нивни обид, кога требаше, на следните поколенија им овозможи да ја продолжат борбата на илинденците и, конечно, да дојдат до слобода!

И не случајно славните илинденци својата борба за слобода ја започнале на денот посветен на светиот пророк Илија. Тој и тогаш, а и сега, е сведоштво дека без духовната е неможна и националната слобода. Првиот Илинден, од 1903-тата, бил само зачеток, бил семе за вториот Илинден, од 1941-та година, по кој, на дел од Македонија, ние Македонците се здобивме со своја држава. На третиот, пак, Илинден, од 1991-та година, сонцето над Македонија повторно изгреа и таа повторно се појави на светската историска сцена. Македонија стана независна и суверена држава, а Македонците отворено го прифатија предизвикот да го одбранат своето и да му засведочат на целиот свет дека се мудар, достоинствен, човекољубив и богољубив народ!

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Секое поколение има свој предизвик и своја борба! Ние, нашево поколение Македонци, треба да покажеме дека можеме и умееме да бидеме способни да изградиме напредна и праведна заедница! А за тоа е потребно да застанеме против: неодговорноста, неединството, неморалноста и нељубовта помеѓу нас! Конечно, да разбереме дека само со чесност и со слога, на национален и на духовен план, можеме да очекуваме напредок и добробит за сите.

Светиот пророк Илија во својата духовна борба против непријателите на вистината немал војска, немал институции, немал земни богатства, но го имал најважното – Го имал Бога и Неговата помош! Слично нему, и многу векови подоцна, апостолот Павле, кога во видение бил повикан да дојде во Македонија и да помогне, зад себе немал империја, немал организирана институција, но Го имал Господа Христа, Кого Го проповедал!

Затоа, возљубени, искрено да се молиме и мудро да ја чуваме придобивката од трите Илиндена, та Бог, Кој ги водел и пророкот Илија, и апостолот Павле и свети Климент Охридски и сите Негови светии, секогаш да ја закрилува нашата Света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, и да ја благословува нашата Татковина – Македонија, но и сиот овој свет, а сите да нѐ чува од злото и да нѐ воведува во секое спасително и радосно дело! Амин!

Честит Илинден!

Можеби ќе ве интересира

ЦИВИЛ: Либерализацијата на продажбата на муниција за цивилни поседувачи на оружје – опасна за безбедноста и за меѓународната положба на Северна Македонија

ДЕСК

НЕВРЕМЕ ВО ДЕЛОВИ ОД МАКЕДОНИЈА – Синоптичарите со четиридневна прогноза

ДЕСК

Таблетарната онколошка терапија од 4 август ќе може да се подигнува директно во аптеките

C +